Предупредување на Алијансата по барањата
за прекин на мисијата ЕУФОР

НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, изјави заменик-генералната секретарка на Северноатлантската алијанса, Радмила Шекеринска, откако лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, објави дека ќе побара од Русија да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шекеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“ и додаде дека Алијансата нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
– Без оглед на исходот од седницата на Советот за безбедност на ОН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина – рече Шекеринска.
Воената мисија Алтеа на европските сили ЕУФОР се одобрува на секои шест месеци од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации. НАТО претходно навести дека доколку мисијата не добие продолжување, постои можност за враќање на неговите сили во Босна и Херцеговина.
Додик, кој неодамна беше разрешен од функцијата претседател на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина, во интервју за руските медиуми кон крајот на август објави дека ќе побара од руските претставници во Советот за безбедност да стават вето на продолжувањето на мандатот на мисијата ЕУФОР.
Беќировиќ изрази загриженост во врска со обидите за дестабилизација на земјата, истакнувајќи дека Босна и Херцеговина и НАТО не се само партнери туку и сојузници во одржувањето на мирот и стабилноста, се наведува во соопштението за медиумите. Р.С.