Секнувањето на руската нафта ги скара Будимпешта и Загреб
- Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пред Генералното собрание на Обединетите нации упати обвинувања за воено профитерство кон хрватската влада, по што набрзо доби остар одговор од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Спорот е поттикнат како резултат на зголемената зависност на Унгарија од снабдувањето од Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ)
Зголемената зависност на Унгарија од Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) за алтернативна испорака на нафта откако директното снабдување од Русија стана поограничено создаде тензии помеѓу Будимпешта и Загреб и низа меѓусебни обвинувања.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пред Генералното собрание на Обединетите нации упати обвинувања за воено профитерство кон хрватската влада, по што набрзо доби одговор од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
– Хрватите нè искористуваат и заработуваат пари од воената ситуација. Хрватите од почетокот на војната петпати ја зголемија таксата за транзит преку нафтоводот во споредба со европските стандарди. Значи, Хрватите ги користат војната и фактот дека на Унгарија во одредени ситуации ѝ е потребна нафтата што доаѓа преку Јадранскиот нафтовод, па ни наплаќаат воена доплата – порача Сијарто во обраќањето во ОН, предупредувајќи дека унгарската влада нема да дозволи алчноста да ги уништи резултатите од намалувањето на режиските трошоци во земјата.
Хрватскиот премиер Пленковиќ ги отфрли алузиите за воено профитерство како дезинформации.
– Со огорченост ја отфрлам лажната теза дека Хрватска е воен профитер. Напротив, Хрватска е добар и чесен сосед. Нашата задача, по руската агресија, е да обезбедиме енергетска сигурност за ЕУ. Хрватска го прави тоа и за Унгарија и за Словачка. Прво, Хрватска не користи руска нафта од 2022 година. Второ, Унгарија сè уште добива поевтина руска енергија. Ако некој профитира, тоа е Унгарија – нагласи Пленковиќ, додавајќи дека Хрватска станала регионален енергетски центар токму поради сопствени напори за солидарност и инфраструктурна подготвеност, а не поради воена алчност.
Сијарто во меѓувреме изрази сомнеж дека ЈАНАФ може долгорочно да обезбедува сигурна испорака, повторувајќи ги обвинувањата кон Хрватска.
– Колку и да го негира тоа хрватската влада, тие сигурно сакаат да профитираат од војната во Украина. Тие значително ја зголемија транзитната такса за испораките на нафта низ Хрватска од почетокот на војната, а сега сакаат да ја оневозможат нашата земја да купува руска нафта за да стекнат монопол над нас и на тој начин да заработат уште повеќе пари – истакна Сијарто на Фејсбук.
Унгарија и Словачка, без пристап до море, се зависни од ЈАНАФ за алтернативна испорака на нафта откако директното снабдување од Русија стана поограничено. Меѓусебните обвинувања помеѓу Будимпешта и Загреб доаѓаат во ситуација кога американскиот претседател Доналд Трамп ги повика европските сојузници да не купуваат руски енергенти, на што Унгарија се спротивставува. Р.С.