Фестивал на креативни вештини 2025 година
Како резултат на модерното живеење се среќаваме со намалена концентрација, изразена зависност од дигиталните технологии и сѐ потешко наоѓаме начин да се ослободиме од електронските уреди и да се релаксираме. Затоа Фестивалот на креативни вештини цели преку креативни работилници да понуди содржини што ќе го пренасочат вниманието на рачните изработки и медитативноста на создавањето. Работилниците што се планирани се насочени кон претставување и изучување подзаборавени вештини, како и вештини насочени кон реупотреба и одржливост. Тие се везење, ткаење, изработка и поправка на накит, поправка и измена на текстилни парчиња (со везење, лепење, сечење, апликации, шиење), информираат организаторите од „Акантус“ – дом на уметноста и естетиката.
Фестивалот почна со креативна работилница за преработка и измена на текстилни парчиња водена од Фросина Ангеловска. Се одржа и креативна работилница за изработка и поправка на накит водена од Ивана Секулоска.
Денеска, во 12 часот, во Акантус почнува работилница за везење со Амар Качар. Во 15.30 ч. е предвидена детска креативна работилница за над пет години водена од Ана Кимовска Георгиевска, а во 18 часот, ткаење со Дијана Томиќ Радевска. В недела исто така е предвидено ткаење со Дијана Томиќ Радевска во 12 часот, во 15.30 часот почнува детската креативна работилница за над пет години водена од Ана Кимовска Георгиевска, а во 18 часот повторно везење со Амар Качар.
– Креативното изразување и изработката со раце ни даваат шанса да се ослободиме од технологиите и да се релаксираме на единствен начин на кој не сме биле навикнати досега. Нешто што некогаш било задолжително да го познава секој, во денешно време е нешто што никој не го познава бидејќи и немаме потреба и навика за такви техники бидејќи глобализацијата нѐ научила сѐ да купуваме ново, а ништо да не поправаме, и бидејќи повеќе немаме концентрација и желба да застанеме и нешто да изработиме.
Но со новото време доаѓаат и нови вредности и се јавуваат нови потреби. Сега овие подзаборавени вештини ги гледаме не како потреба туку како терапевтски вештини што можат да ни помогнат да се отцепиме од секојдневието, да се релаксираме, да ја зголемиме концентрацијата и да ја подобриме фината моторика на прстите.
Монотоната работа со прстите и рацете е докажано дека релаксирачки влијае на нервниот систем, помага да се ослободиме од стресот и да ги ослободиме мислите да се тргнат од секојдневната реалност и слободно да талкаат. Две од работилниците се посветени на возобновување постари подзаборавени техники на рачна изработка, а другите две работилници што ги конципираме, пак, се посветени на актуелниот процес на „upcycle“ или реупотреба на предмети. Во модерното време кога секторот на модата произведува најмногу отпад и ја загадува животната средина, добро е секој од нас да се запознае со можноста за рециклирање лични производи и да ја искористиме шансата да трансформираме целосно ново уникатно парче и истото тоа да го носиме со радост и гордост, а без грижа на совеста дека дополнително сме ја загадиле животната средина – посочуваат организаторите. С.Ј.