Фото: „Нова Македонија“

Новите светски трендови во енергетиката одат во насока на возобновување на нуклеарната енергија

  • Војната во Украина покажа дека гасот како енергент за производство на електрична енергија веќе станува премногу скап, што од друга страна ја крева и цената на електричната енергија произведена на тој начин, па од тие причини сѐ повеќе земји повторно се вртат кон нуклеарната енергија како единствен начин да се обезбедат доволни количества домашна струја за домаќинствата и економијата по ниска цена

Сашо Таневски

Како што се случуваат големите геополитички преструктурирања на светската мапа, така паралелно се прават енергетски сојузи за обезбедување извесност во снабдувањето со електрична енергија по цена што ќе овозможи конкурентна економија и граѓанска благосостојба.

Она што станува повеќе од јасно е дека енергетската сувереност ќе биде клучна за идното опстојување на секоја земја, па од тие причини, покрај воените сојузи, се склучуваат и сојузи за обезбедување стабилна енергетска иднина.

Војната во Украина покажа дека гасот како енергент за производство на електрична енергија веќе станува премногу скап, што од друга страна ја крева и цената на електричната енергија произведена на таков начин, па од тие причини сѐ повеќе земји повторно се вртат кон нуклеарната енергија како единствен начин да се обезбедат доволни количества струја за домаќинствата и националното стопанство (економијата) по ниска цена.

Земјите од регионот размислуваат за сопствени нуклеарни капацитети

И додека светот, но и Европа почнуваат да сфаќаат дека обновливите извори на енергија стануваат сѐ помалку обновливи, односно природните ресурси како водата почнува да ги снемува, а енергијата добиена од сонцето со актуелната технологија ни оддалеку не ги задоволува реалните потреби, повторно се отвора дебатата околу тоа нуклеарната енергија да биде прогласена за зелена.

Франција никогаш не се откажа од производството на електрична енергија во нуклеарните централи, додека германската економија скапо го плати експериментот со предвремено затворање на нуклеарките по хаваријата во Фукушима. Од тие причини, германските власти веќе размислуваат за рестартирање на нуклеарните централи.
Но она што деновиве го привлече вниманието на јавноста се најавите дека и земјите од соседството се подготвуваат за некаква енергетска сувереност и обезбедување електрична енергија од нуклеарни централи што самите би ги изградиле. Имено, соседна Србија веќе се подготвува сопствената енергетска иднина да ја обезбеди преку изградбата на нуклеарна централа, за што веќе остварила контакти со руската „Росатом“.

Српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ, потврди дека „нема подобра компанија во светот за изградба на нуклеарка“ и најави оти овој проект за Србија е многу важен поради растечките потреби за електрична енергија. Проекциите на стручњаците покажуваат дека до 2050 година потрошувачката на струја ќе порасне четирикратно, за што државата мора да бара стратешко решение во нуклеарната енергија.

Се чини дека ниту Хрватска не губи време и повторно ја отвора темата што со децении предизвикува поделени мислења – дали треба да се гради нуклеарна централа на сопствена територија. Министерот за економија Анте Шушњар е убеден дека тоа е патот по кој земјата мора да тргне ако сака енергетска независност, сигурно снабдување и посилен геополитички контекст. Иако постои принципиелен договор со Словенија за изградба на вториот блок од нуклеарната централа „Кршко“, хрватската влада сè погласно размислува дека иднината треба да ја обезбеди со сопствен објект, било да станува збор за класична централа или за мали модуларни реактори, кои стануваат тренд во Европската Унија.

Засега единствено Бугарија има нуклеарна централа во своја сопственост, станува збор за „Козлодуј“, а пред некое време имаше планови да се гради уште еден нуклеарен капацитет – „Белене“, во кој имаше интерес да се вклучи и Македонија, но целата работа пропадна поради наводна неисплатливост на проектот. Дополнително, се покажа дека обременетите политички односи можат да влијаат и врз енергетската соработка, па од тие причини земјите од регионот почнуваат сѐ повеќе да размислуваат за сопствени капацитети.

Македонија и европските енергетски трендови

Несомнено и Македонија во последно време исклучително фокусирано обрнува внимание на потезите за националниот енергетски суверенитет, а и во делот на енергетскиот суверенитет што одредени земји го влечат во Европа, а посебно во регионот, како сигнал во која насока ќе се движат работите во иднина.
Македонија со новата екипа во Министерството за енергетика веќе има значајни исчекори. За потсетување, ние имаме учество во терминалот за течен природен гас и гасната централа во Александропули од каде што треба да се снабдуваме со гас, но она што е повеќе од извесно е дека цената на овој гас ќе биде многу повисока од она што досега се плаќаше, особено пред војната во Украина. На тој начин и производството на електрична енергија од гасните когенеративни централи би било со повисока цена.

Од тие причини е важно Македонија да ги има предвид сценариото и трендот и за сопствен нуклеарен капацитет како долгорочно и стабилно решение за снабдување со евтина електрична енергија. За потсетување, нашата земја одамна има и проект за нуклеарна централа во Мариово, но и конкретни проекти за мали нуклеарни реактори… Во прилог на ова оди и неодамна склучениот договор за стратешка соработка со Велика Британија, која може да ѝ помогне на земјава и на ова поле, а во тој поглед можат да помогнат и САД како наш стратешки партнер.

Како и да е, изградбата на класична нуклеарна централа по теркот на онаа во Бугарија или во Словенија за земјава би бил преголем залак, особено ако се има предвид цената на чинење, но и неповолната географија во поглед на доволни количества вода за разладување на реакторите. Затоа идејата што подолг период ја заговараат некои домашни експерти е да се градат мали модуларни реактори на нуклеарен погон, нешто слично како оние во нуклеарните подморници. За територија како Македонија, ваквите капацитети би биле сосема доволни за обезбедување стабилно и евтино снабдување со електрична енергија, како на домаќинствата така и на стопанството.

Нуклеарната енергија обезбедува чиста средина и евтин енергент

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, подолг период се залага за изградба на нуклеарни електроцентрали базирани на мали нуклеарни реактори.
– Идејата е одлична и заслужува поддршка, но треба да бидеме максимално внимателни поради можноста повторно да ни се подметне некаква штетна зделка, по примерот на „Чебрен“ и „Митилинеос“. Предложената цена за изградба на нуклеарна електроцентрала базирана на мал нуклеарен реактор, по системот клуч на рака, во рамките на повеќето понудувачи изнесува околу 4,2 милиони евра/мегавати иако, доколку почекаме една или две години, нови компании – стартапи најавуваат двojно пониска цена – објаснува професорот Трајковски.

Според него, компанијата „Опен-100.ком“ дури нуди бесплатни планови за самите да изградиме своја мала нуклеарна централа за само 2,4 милиони евра/мегавати, практично колку за „Чебрен“.
– Во државата би можел секој град со повеќе од 10.000 жители (на пример Ресен или Радовиш) да има свој микрореактор, па така, не само што ќе генерира електрична енергија туку ќе обезбеди бесплатно греење од разбивање атоми за целиот град – потенцира професорот Трајковски во повеќето негови објави на оваа тема.

Говори и за стереотипите кај луѓето дека се работи за небезбедна енергија што би можела да влијае врз здравјето на луѓето. Напротив, тој тврди дека здравјето на луѓето многу повеќе е загрозено од загадениот воздух.
– Населението не треба да се плаши од новата технологија, која дава најчиста и најбезбедна енергија, која може да спаси до 3.000 луѓе годишно, колку што моментално умираат во Македонија како последица на загадениот воздух. Инаку, до денеска вкупниот број на жртви од мирновременска примена на нуклеарната енергија во светот изнесува само 48 луѓе, сите од инцидентот во „Чернобил“, кои можеле да бидат избегнати со попромислено однесување, како што направиja Јапонците по инцидентот во „Фукушима-Даиичи“ – заклучува Трајковски.