Концерт на Ник Кејв
Љупчо Давчев
Отсекогаш знаев дека најголемите афродизијаци што го облагородуваат човештвото се спортот и музиката, иако има некои што велат дека тоа е војната. Кога зборуваме за спортот, најголемата спортска активност прифатена низ целиот свет е фудбалот. Преполн е со енергија, тестостерони, грубости, заедништво, верност и не е попусто најомилен кај посилниот пол. Додека музиката е еднакво посакувана од двата или повеќе пола. Музиката и спортот одлично дејствуваат како пар и затоа кога има голема манифестација, олимписки игри, светско првенство, светски куп… на нив настапуваат најголемите светски музички ѕвезди, и тоа во време на пауза или на почетокот и на крајот на случувањето. Тоа е така насекаде во светот, но кај нас во Македонија ситуацијата е малку поинаку. Така што најоригиналното име на светската музичка сцена, Ник Кејв, имаше концерт на 22.8.2025 на стадионот на Армија на Република Македонија (АРМ), а веднаш спроти него ја имаме националната арена, националниот фудбалски стадион со капацитет од над 30.000 навивачи. И сега како што почнува концертот на Ник така од националната арена, на која играше фудбалскиот клуб Вардар и која е оддалечена некои 200 метри, се слуша навивање, викање на многуилјадна публика. И тука е таа разлика помеѓу нас и преостанатиот свет, кај нас за време на цел натпревар посетителите имаат музика со музичари, а не само на паузите. А во случајов се погоди тоа да биде Ник Кејв. Малку е незгодна целата таа ситуација, целото тоа мешање звуци или, како што рече Ник на почетокот на концертот: „Вие треба да направите повеќе врева тука, бидејќи ене онде има фудбалски меч и прават голема врева“, а неколкуилјадната публиката што дошла на концертот воодушевена вика/вреви колку што може повеќе. Па овие од арената повторно и посилно одговараат на предизвикот. А на бината на стадионот на АРМ целосен минимализам, клавир, бас, појачала и тие двајца. Едниот од тие двајца е Колин Гринвуд, кој важи за еден од најинвентивните бас-гитаристи, инаку член на неверојатната оксфордска група „Радиохед“. Значи жива легенда, закитен со ореолот на Рокенрол-куќата на славните од 2019 г. А другиот е Достоевски на човечките судбини, Малиот принц на тагата, на оставеноста, на смртта, на самоубиствата, на изолираноста, едноставно последниот прав рок-поет, кој создал свој стил и тој стил колку и да пробуваш да го фалсификуваш, не можеш, зашто тоа е стил на Ник Кејв. Почнувајќи како лидер на постпанк-групата „Брдеј парти“ (претходно беше во „Бојс некст дор“), кој се конфронтираше, се караше со публиката, а немаше зошто. Гневот во него во тој период доаѓаше од тоа дека татко му го нема повеќе, починал во сообраќајна несреќа и го оставил сосема разголен пред светот. Онаа негова тогаш негативна емоција мораше да исплива и исплива во музиката и во текстовите и во неговото насилно однесување кон сѐ и сешто. Со текот на времето полека го губи тој младешки гнев и навлегува во друга фаза, создавајќи песни што како да не се создадени на овој свет. Ник вели: „И тогаш некој ме викна кај него и ми ја пушти плочата ’Songs of love and hate‘ на Леонард Коен. Тоа беше она што ме крена, што ми ги разбуди емоциите“. Потоа следуваат разни проекти: Гринденмен, соработка со ПЏ Харвеј, Шејн Мкговен, Бритни Спирс, Ворен Елис, Колин Гринвуд и неговиот најважен ангажман со „Бед сидс“. Во суштина песните што Ник ги пееше на концертот во Скопје беа од репертоарот на „Бед сидс“, во оригинална изведба доловувајќи ги истите емоции како кога ги создаваа песните. До 2016 година Ник веруваше дека онаа неверојатна креативност што ја поседуваше и што ја изразуваше е нешто најважно во животот и на тоа како тој го гледа светот. И одеднаш го погодува страшна трагедија, починува неговиот 16-годишен син и сѐ пропадна, сето она во што веруваше одеднаш му станува небитно. Тука почнува неговиот нов период, длабоко моќен, трогателен и трансцендентен. Вели: „Сè до смртта на мојот син, всушност мислев дека она што го правам креативно е најважното нешто во мојот живот. Процесот на тагување, колку и да беше бавен и некако мачен каков што беше на почетокот, имаше огромен ефект врз тоа како на крајот го гледав светот“. Тој беше комплетно полуден од тага. „Она што го знам е дека не знаеш ништо кога ќе ти се случи нешто такво. Дури можеш да зборуваш отворено за работите, дури можеш да пишуваш, создаваш, но буквално си луда личност“. Во тие моменти Ник и „Бед сидс“ се на крајот на снимањето на нивниот 16. албум „Skeleton Three“ и во тие неколку песни снимени по смртта може да се осети целата таа болка, сето она што е поврзано со смртта, загубата и сопствената тага. Песната „I need you“ од овој албум е посветена на загубата на син му и како таква станува бесмртна химна на секој оној што бил во слична ситуација. Во 2022 г. Ник доживува уште еден голем удар, му починува уште еден син, 31-годишниот Џетро. Вели: „Тагата и љубовта засекогаш се испреплетени. Тагата е ужасен потсетник за длабочините на нашата љубов и како и љубовта така и тагата е непроменлива“. Еден таков уметник е чест и инспирација да се слуша во живо.

Концертот започна околу 21.10 часот. Кај да се свртиш – публика, долго го чекаа овој момент и го дочекаа. Голема благодарност до „Авалон продукција“ за прекрасната организација и за тоа што успеаја да го донесат тука пред македонската публика, а околу 30 отсто од публиката беа странци што го следат насекаде. Првата песна е воведна, па Ник ја поздравува публиката, веднаш создава некоја квалитетна интеракција со неа. При изведбата на песната „High Bosson Blues“ има дел каде што има извикување, и тоа многукратно „БУМ; БУМ; БУМ“ и тоа Ник го прави јако, а публиката го следи и заедно извикуваат јако, најјако, појако дури и од публиката на фудбалскиот натпревар, појако и од публиката од „Скопскиот пиво-фест“, кој се одржуваше во исто време на раздалеченост од околу 500 метри. Па се редат „Joy“, „Papa wont leave your henry“, емоции до емоции, заедничко пеење, како еден. Во меѓувреме завршува фудбалската натпревар. Ник не забележува ништо од тоа, тој е во свој свет, во своја изведба. Почнуваат првите тактови од „I need you“ (песната посветена на син му), целосна тишина, дури и Колин е на страна. Пијаното и тагата на Ник. Полека течат секундите, распарувајќи ги срцата на публиката. И тука почнува бајката. На крајот од песната Ник пее: „Cause nothing really matters/Cause nothing really matters anymore/Not even today/No matter how hard I try/When you’re standing in the aisle/And baby/Nothing/Nothing/Nothing/I need/I need/I need you/I need you/I need you/Just breathe/Just breathe/I need you“.
Публиката го следи и одеднаш осеќам премногу гласови, премногу луѓе пеат. Се вртам и гледам надвор од АРМ повеќеилјадна публика, сите тие дојдени по натпреварот и плус оние од „Скопскиот пиво-фест“. Околу 40-илјадна публика надвор и уште неколкуилјадна внатре и сите заедно пеат. Ник застанува, го дига погледот во таа огромна маса народ. Неговите очи почнуваат да се вцрвенуваат, но нема солзи, одамна се исплакани, нема душа целосна и обновлива, тоа се парчиња што се останати и на кои Ник им дозволува да плутаат во таа прекрасна публика. Страшна и прекрасна глетка. Ник, огромна маса публика што дојде да му оддаде почит нему, кралот на тагата. И на крајот тишина, па ракоплескање. Ник и Колин продолжуваат „Wipping song“,„Jubilee stret“ и веднаш бис. А на него „Tupelo“, „Give me your preaches love for me“, „Love letter“, „Shivers“, „Cosmic Dancer“, „Into my arms“.
Поминаа два часа и 30 минути патување во внатрешноста на душата на Ник, придружена со неверојатниот ритам на Колин Гринвуд на бас и публиката. Публиката онаа надворешната си отиде откако ја слушна „Love letter“, најреалната љубовна песна што дава и надеж и страв, тотално приземна и затоа болна. Ние другите што бевме внатре останавме до крајот. А крајот сѐ уште трае, никако да заврши, длабоко во душата на целата таа неверојатна публика. И затоа и ја чекав да го напишам ова по неколку дена, надевајќи се дека концертот и таа атмосфера ќе завршат, но никако да завршат, постојано се вртат во мене задавајќи ми бол и надеж континуирано. За крај, немаше дојдено публика од фудбалскиот натпревар, ниту од „Скопскиот пиво-фест“, таму бевме само ние неколкуилјадна публика, побогати, понасмеани, потажни, љубоморно чувајќи го ова духовно искуство, кое ни ја зграпчи душата и не ја пушта.