Фото: Пиксабеј

Океанографот од Универзитетот во Саутемптон, Сајмон Боксал, тврди дека е решена мистеријата на Бермудскиот триаголник, локација позната по некои од најчудните феномени на планетата, а неговото толкување, за разлика од другите теории, не вклучува вонземјани или интердимензионални портали.

Наместо тоа, Боксал вели дека причината за исчезнувањата во Бермудскиот триаголник се џиновските бранови, односно екстремните бранови од бури што создаваат непредвидливи водни ѕидови што можат да достигнат двојна висина од обичните бранови, дури до 30 метри, неверојатно се високи и можат неочекувано да удрат од насоки од кои не доаѓа ветерот. Според Боксал, голем брод заробен од еден од овие смртоносни бранови може да потоне за две или три минути. Боксал, говорејќи во документарна серија на Канал 5, „Енигмата на Бермудскиот триаголник“, рече дека Бермудскиот триаголник е специјално жариште за појава на таквите бранови, кои можат да постигнат висина до 30 метри.

Научниците сè уште не се сигурни како се формираат овие бранови, но можат да бидат предизвикани од комбинирањето на повеќе фактори. Бурите исто така можат да ја фокусираат енергијата на брановите во необичен правец, соединувајќи повеќе бранови во еден џиновски. Објаснува и дека тие бранови се многу силни, но и дека штетата е поголема колку што е бродот поголем.

Од друга страна, има научници што тврдат дека бројот на падови на авиони и бродови во Бермудскиот триаголник е во нормалните граници, односно дека нема мистерија што треба да се реши.

Според Националната океанографска и атмосферска администрација, нема докази дека мистериозните нaстани се случуваат со поголема зачестеност во Бермудскиот триаголник отколку на кое било друго големо подрачје во океанот, а слично на тоа, податоците на осигурителната компанија „Лојдс“ од Лондон покажуваат дека во Бермудскиот триаголник нема повеќе загуби отколку каде било на друго во светот.

Бермудскиот триаголник е дел од Атлантски Океан, опкружен од Мајами, Бермудите и Порторико и за него се поврзуваат многубројни мистериозни исчезнувања на авиони и бродови, поради што овој феномен се поврзува со голем број теории, но исто така е и инспирација за филмските автори.