
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (361)
Од историјата на борачкиот спорт (3)
- Формирањето на СБСМ значеше нова ера во афирмацијата на македонскиот борачки спорт. Во 1968 година Скопје беше организатор на Европското првенство во слободен стил
Многу мои доживувања и новинарски известувања се врзуваат со најтрофејниот спорт во Македонија, борењето. Ова е спорт во кој, со моето непосредно ангажирање, со оглед што повеќе од 25 години бев генерален секретар на Борачката федерација, дадов свој придонес во неговиот развој. И сега, од оваа временска дистанца, кога ќе се присетам на минатите времиња, проработуваат емоциите, а како на филмска лента ми се враќаат сеќавањата и доживувањата. Поради врвните резултати, секаде нѐ ценеа, што придонесуваше да го имавме она пријатно чувство оти и ти си дел од борачката елита. Токму затоа, сите ние што бевме вклучени во борачкиот спорт имавме мотив повеќе за поголем ангажман, а новинарите мотив повеќе да ги наострат своите пера и да ги накитат извештаите со сета драматика од борбите преку кои нашите шампиони стигнуваа и до светскиот, европскиот и олимпискиот пиедестал.
Ерцеган ги потпали страстите
Но сите тие постигнувања не беа случајни. Напротив, тие беа резултат на една макотрпна работа, при што во почетните години сѐ на свој грб понесоа незаменливиот спортски работник Љупчо Самоников, потоа првиот претседател на Борачката федерација на Македонија, Круме Наумовски, па Михајло Мишевски-Микле, кој речиси целиот работен век го помина на секретарското место во Сојузот на спортовите на Македонија, Рамазан Балаш, кој потоа беше претседател на федерацијата, Митко Велков, подоцна Андреа Поповски… Посебно место има и мојот покоен колега Павле Дамјанов, за кого пишував во претходните текстови и го истакнав неговиот голем придонес за развојот на борењето. Тој како дописник на белградскиот „Спорт“, максимално го афирмираше борењето во слободен стил, зашто многу години пред тоа тој беше еден од првите поддржувачи и на грчко-римскиот стил во кој Војводина, од каде што потекнуваше Павле, даде дури и светски и олимписки шампиони. Покрај другите работи по кои ќе се памети вредниот новинар е и неговиот ангажман околу доаѓањето на една ценета личност во светското борење – Милан Ерцеган. Тој беше импресиониран од она што го виде на пеливанските борби и тогаш ја изговори онаа позната реченица, која подоцна често ја повторувавме, а таа беше: „Вие газите на злато, а не знаете да го искористите“. Милан Ерцеган, кој во тоа време беше претседател на Борачката федерација на Југославија, неколку години подоцна стана прв човек и на Светската федерација (ФИЛА), каде што се задржа повеќе од 30 години. Значи, се работеше за една светски афирмирана личност, чиј авторитет во спортските кругови беше огромен. Затоа она што го кажа не беше само празна флоскула туку тој ја кажа вистината оти овде во Македонија можеме многу да сториме во борачкиот спорт, дури да стигнеме и до светските височини. Впрочем, во подоцнежните години тоа се исполни и Македонија на спортски план беше препознатлива токму по резултатите на борачите.
Штип – главен центар
Откако беа дадени една инјекција и почетен импулс, спортските работници многу не чекаа и тргнаа во офанзива кон формирање клубови. Среќна околност беше што токму тогаш меѓу многуте деца што за време Граѓанската војна во Грција беа раселени од егејскиот крај се враќаа во Македонија. Меѓу нив беше и Ристо Таков, момче родено во Пожарско, кое младоста ја помина во Полска и оттаму дојде во Штип. Инаку, тој во 1955 година беше младински борачки првак на оваа земја. Тој момент штипјани го искористија и веќе знаеја оти меѓу себе имаат човек што е многу упатен во борењето. Затоа, кога беа направени првите чекори за формирање борачки клуб во градот под Исарот, немаше дилема. Таков уште на почетокот ја доби довербата и откако еден период работеше со група пионери, веднаш потоа беше назначен за прв тренер на БК Балканец. Интересирањето за борењето меѓу младите беше големо, и тоа не само во Штип туку во целиот источен регион. Подоцна борењето почна да добива сѐ повеќе приврзаници и од другите краишта на Македонија, па така, се формираа клубови во Скопје, Тетово, Гостивар дури и во некои селски средини, како на пример Студеничани. Главното борачко собиралиште во Скопје беше во тогашниот „Партизан 1“, популарно наречен Соколана, што беше лоциран на местото на сегашната Адвокатска улица, а главната база за подготовки стана Сарај, каде што се искалија подоцнежните шампиони и носители на медали. Борењето имаше среќа што во него се вклучија луѓе со визија, кои беа свесни дека за да се оствари целта и да се постигне врвен резултат требаат време, трпение и пред сѐ знаење. За да ги обучи нашите тренери и да се тргне напред, на семинар во Скопје, од Загреб беше доведен еден од најпознатите светски борачки експерти во тој период, Ивица Герек. Тој ги пренесуваше своето знаење и искуството на нашите млади тренери, чиј предводник беше Ристо Таков, кому подоцна му се приклучи и Бојан Ранѓелов. Двајцата во следните години често се менуваа на селекторското место во државната репрезентација и низ нивни раце поминаа речиси сите шампиони, не само од тој период туку и многу подоцна бидејќи долго време беа на чело на нашето борење.
Првите резултати на меѓународната сцена покажаа оти оние зборови на Ерцеган за „златото“ не беа само празна фраза. Дотогашните пеливани, Тефик Демири и Рамадан Сали, беа првите наши спортисти со пласмани меѓу првите петмина на европските првенства во борење во слободен стил, а Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов, по потекло од Струмица, само го дополнија списокот квалитетни борачи. Едниот беше четврти, а вториот петти на Европското првенство во 1965 година. Сите овие постигнувања беа големо охрабрување и за борачите, но и за функционерите, кои во овој спорт ја видоа и шансата за лично докажување.
Скопје – организатор на Европско првенство
Слободното борење во Македонија зеде голем замав, а единствениот борачки клуб во тој период во Скопје, Вардар, не можеше да ги прибере сите заинтересирани момчиња што сакаа да се занимаваат со овој спорт. Големото интересирање беше сигнал дека треба да се преземе уште нешто за атмосферата уште повеќе да се подгрее. Така, се дојде до идејата, која потоа и се оствари, да се организира Европско првенство. Тоа се случи од 2 до 4 јули во 1968 година. Местото на одржување беше Градскиот стадион во Скопје, а не спортскиот центар „Кале“, каде што дотогаш се одржуваа натпреварите од „Средбата на солидарноста“. На зелениот тепих пред јужната трибина беа поставени два душека на кои продефилираа европските асови, предводени од борачите на тогашниот Советски Сојуз, кои и тогаш и сега претставуваат светска велесила.
Во силната конкуренција и ние имавме мигови на радост. Борче Димовски и Симеон Шутев се пласираа на четвртите места во своите категории и така го визираа пасошот за Олимпијадата во Мексико истата година. По фудбалскиот голман Благое Видиниќ, тие станаа првите наши спортисти во еден поединечен спорт, учесници на најголемиот светски спортски собири. Како да беше вчера, се сеќавам на нивните решавачки борби на Европското првенство. Кога се кршеше резултатот и требаше да падне решение, тие или противникот, јас и моите колеги не можејќи да издржиме дотрчувавме до самата арена и просто се качувавме на душеците за да ги бодриме Димовски и Шутев. Тогашниот претседател на ФИЛА, Французинот Роже Кулон, ги разбираше нашата страст и желба, па не реагираше на ваквите излети. Тогаш, во тие денови, почна вистинската афирмација на борачкиот спорт, кој создаде богата историја за почит и гордост.
Да не беше шампионатот организиран кај нас, прашање е дали ќе имавме ваков успех и дали двајца наши борачи ќе стигнеа до настапот на ОИ во Мексико во 1968 година.
– За нас голем хендикеп беше што на ОИ не беше присутен нашиот тренер и селектор Ристо Таков, туку грижата ја презеде селекторот за грчко-римски стил Љубомир Ивановиќ-Геџа, кој не ги знаеше нашите вистински можности. Исто така, што е многу значајно, со Геџа не можевме да разработиме една посериозна тактика зашто за нас како да немаше време. Неговото внимание беше свртено најмногу кон борачите во грчко-римски стил од кои се очекуваа медали. Можеби тука треба да се бара причината зошто испаднавме уште во стартните олимписки борби. Да беше со нас Таков, кој во душа нѐ познаваше се чини оти ситуацијата ќе беше многу поинаква – беа едногласни по враќањето од Мексико нашите двајца олимпијци.
Борче Димовски и Симеон Шутев остануваат запишани во нашата спортска историја и тие вечно ќе се споменуваат. За жал, и двајцата не се меѓу нас и пред неколку години, прво Димовски, а потоа и Шутев, ја напуштија животната сцена. Но тоа не значи оти се заборавени. Напротив, тие остануваат засекогаш запаметени како наши први олимпијци во борењето, кој е еден од нашите најтрофејни спортови. Повеќе за двајцата ќе читате идната недела.