КИНА ВО ФОКУСОТ
НА КИНЕСКАТА РИВИЕРА
Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина
Малкумина слушнале за градот Жухаи во јужниот регион на Кина, во провинцијата Гуангдонг. Веројатно оние што го знаат некогаш прочитале некаде за најдолгиот мост на светот, долг педесет и пет километри, изграден над делтата на реката Прл, кој продолжува како подводен тунел, а го поврзува градот со Макао. Дваесет пати е подолг од познатиот мост „Голден гејт“ во Сан Франциско. Овој кинески мегапроект всушност го поврзува хонгконшкиот остров Лантау на исток со Макао и Жухаи во покраината Гуангдонг на запад.
Мостот, наречен уште и чудото на Жухаи, е отворен во 2018 година. Конструкцијата се состои од низа од три моста, подводен тунел и четири вештачки острови. Тоа е најдолгиот морски премин и најдолгата конструкција што поврзува две точки преку отворено море во светот. Дизајниран е да трае 120 години, а целосната изградба чинела 127 милијарди долари. Трошоците за изградба на главниот мост се проценуваат на 51,1 милијарда долари, финансирани со банкарски кредити и поделени меѓу владите на копнена Кина, Хонгконг и Макао. Обликот на мостот потсетува на кинески змеј.
Меѓусебната поврзаност на двата града се одвива на повеќе нивоа. Многу од жителите на Макао работат на кинеската територија, па оттаму е отворена и единствена специјализирана комуна во која тие престојуваат. Во рамките на оваа комуна, наречена „Макао њу нејбрхуд“, на жителите на Макао им се овозможуваат квалитетен живот и многу поволни социјални услови, па тука опстојува и дом за стари лица, во кои им се даваат грижа и нега на пензионираните работници. Жухаи важи и за еден од туристичките градови на Кина, познат уште и како Кинеската Ривиера, поради прекрасниот крајбрежен пејзаж со високи палми и приморска инфраструктура.
Историјата на овој регион најдобро може да се разбере ако се посети античкото гратче Танџиа, со историја долга 800 години, познато по богатото културно наследство и специфичен традиционален архитектонски стил. Интересно е што пред повеќе од сто години некои од првите студенти спонзорирани од владата што биле испратени на едукација во Европа и САД потекнуваат токму од ова гратче. По враќањето дома тие стануваат проминентни фигури на политичкиот живот, во науката, медицината или бизнисот. Цел музеј е посветен токму на овие важни личности од кинеската историја.
Меѓу попознатите села во околината на Жухаи е и Беишан. Иако градот Жухаи има помодерна историја, старите улички на шармантното село Беишан, кои се полни со живост, нѐ враќаат во далечното минато. Низ лавиринтот од улички не е тешко да се изгубите, па можете да поминете и неколку часа низ ова живописно село преполно со дворчиња со дрвја бонсаи, студија за калиграфија и мали продавнички за чај или традиционална кинеска облека…. Тука можете да вкусите евтина традиционална кинеска храна, со сигурност нема да згрешите ако ја пробате уличната храна во Беишан. Совршено место за бегство од урбаниот живот на големите кинески градови од облакодери. Во Беишан не смеете да го заобиколите храмот изграден во 1868 година, пред кој се поставени две големи камени статуи со претстава на лавови.