Фото: „Нова Македонија“

ВО ПРЕСРЕТ НА 21 СЕПТЕМВРИ, РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

  • Православната црква го празнува раѓањето на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица и на Свети Јован Крстител. Овие три раѓања се сметаат за основа на христијанската вера. Светите отци ни укажуваат дека домостројот на нашето спасение секогаш и неизбежно е поврзан со онаа што во својата утроба го носеше Богомладенецот Христос – Пресвета Богородица. Ова е еден од дванаесетте големи празници во Православната црква, како и еден од четирите големи празници во чест на Богородица

Живко Здравкоски

Македонската православна црква–Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) и православните христијански верници утре го одбележуваат празникот Рождество на Пресвета Богородица, што е првиот голем празник во новата литургиска година, означувајќи го почетокот на циклусот на човековото спасение.

На 14 септември почнува црковната, односно Литургиската нова година, позната како Начало на Индикт. Во Литургиското новолетие најпрво се прославува Рождеството на Пресвета Богородица (21 септември), а последно е радосното сеќавање на Нејзиното пречудесно успение (28 август). На овој начин светите отци ни укажуваат дека домостројот на нашето спасение секогаш и неизбежно е поврзан со онаа што во својата утроба го носеше Богомладенецот Христос – Пресвета Богородица. Ова е еден од дванаесетте големи празници во Православната црква, како и еден од четирите големи празници во чест на Богородица. Овој празник ги прославува раѓањето на Пресветата Богородица, неа како Божја Мајка и нејзините благочестиви родители.
Православната црква го празнува раѓањето на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица и на Свети Јован Крстител. Овие три раѓања се сметаат за основа на христијанската вера. На другите светители им се празнува, како роденден, споменот на нивното упокојување.

Во прекрасното слово на неговото високопреосвештенство митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј, за празникот Рождество на Пресвета Богородица, во манастирот „Пречиста Кичевска“, на 8/21 септември 2024 лето Господово, чиј наслов е „Мајката Божја – извор на непресушна радост за светот“, кое е достапно на веб-страницата на велелепниот Бигорски манастир, помеѓу другите, мошне впечатливи се и следниве зборови на митрополитот г. Тимотеј за Пресветата Богородица: Таа е Пречистата Мајка на нашиот Господ Исус Христос и затоа е и наша општа мајка во духовна смисла.
Нејзиното мајчинско срце е свртено кон Црквата Божја и се јавува на сите молитвени повици и барања, кон секое страдање и повик за помош. Ете зошто светата Црква го воспева нејзиното раѓање, што денеска го прославуваме како радост на целата вселена. Зашто од Пречистата Дева засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, Кој, откако ја разурна клетвата, ни даде благословение; а откако ја уништи смртта, ни дарува живот вечен (тропар на Рождество на Богородица).

Речиси во сите случаи кога Бог испраќа Свои пратеници во светот со посебна мисија за откривање и за исполнување на Неговата волја, тие се раѓаат во некои возвишени услови, а некогаш и во најобични и бедни и понижувачки. Така и Господ Исус Христос се родил во овчарска пештера во Витлеем, а Св. Јован Крстител од престари родители. И Пресветата Дева Марија се родила како дете на ветување, бидејќи нејзините стари и бездетни родители Јоаким и Ана ја родиле при необични услови, откако примиле Божјо благоволение да станат родители на Пресвета Дева Марија. И тука Божјата благодат ја разврзала заклучената утроба на Ана, за да се роди благопријатен и прекрасен крин во Божјата градина – Пресветата Дева Марија. Светата Црква го слави раѓањето на Пресветата Марија како радост на целата вселена, во која сите верници се соучесници. Пресветата Дева ѝ ја донесе, на целата вселена, најголемата радост за верниците, раѓајќи Го Господ Исус Христос. Каква е таа радост што толку силно и неизминливо ја изградила за мноштво верници во текот на повеќе од дваесет века? Таа радост е Самиот Господ Исус Христос, радост што ја надминува секоја друга радост за синовите на земјата.

Затоа и денешниот празник е радост за сите луѓе, онака како што пее и светата Црква, славејќи го рождеството на Пресветата Божја Мајка. Се радува Божјата Црква по целата вселена, се радуваме и ние, во очекување дека раѓањето на Божјата Мајка ќе засветли и во нашата животна судбина, та секогаш да бидеме во нашиот христијански радосен повик, пишува, помеѓу другото, во горенаведеното слово на митрополитот г. Тимотеј, објавено на веб–страницата на Бигорскиот манастир.

Особено на величествените и благодатни утрински богослужби, какви што се и овие што се одржуваат на денот на раѓањето на Мајката Господова, присуствуваат многубројни верници, чиј голем број е сведоштво за љубовта и почитта кон Мајката Божја. Како и на секоја литургија, особено на ова празнично богослужење, се остварува длабоко единство во Христа, во кое секој човек (монах, владика, свештенослужител, верник) учествува во тајната на спасението преку заедничката молитва и љубов.

Во текстот под наслов „Рождеството на Пресвета Богородица – Почеток на нашето спасение“, објавен на веб-страницата на Бигорскиот манастир на 9 септември/22 септември 2024 лето Господово, пишува дека „празникот на Рождеството на Пресвета Богородица е почеток на Новиот завет, миг во историјата на човештвото што најавува дека времето на избавувањето е блиску“.

Овој ден е исполнет со радост, не само заради раѓањето на едно дете, туку заради раѓањето на онаа што ќе го носи во својата утроба оној што ќе го спаси светот. Во Рождеството на Пречистата Дева се гледа не само исполнувањето на старозаветните пророштва туку и почетокот на новото творение – на животот што Христос ќе го донесе на светот.

Следствено, како што мудро ќе забележи нашиот Старец, епископот антаниски г. Партениј, „во личноста на Богородица се гледа совршената синергија на Божјата благодат и човековата слободна волја. Нејзиното раѓање е момент на безмерна милост за целиот човечки род, бидејќи преку неа, како од чиста садница, во светот ќе израсне Самото Слово Божјо. Светата Троица подготвува од неа светилиште во кое ќе се случи тајната на воплотувањето, со што човештвото конечно ќе се врати на својот праизвор – заедништвото со Творецот.
Рождеството на Пресвета Богородица е знамение за она што ќе следува – за вистинската тишина на духот, за смирението што ќе ја отвори портата за невидливиот Бог да стане видлив. Марија, со своето раѓање, се јавува како новата Ева, која нема да падне, туку преку своето судбоносно „Да“ ќе ги отвори небесните двери за целото човештво. Ова раѓање не е само историски факт туку извонреден теолошки настан, кој ги преобразува длабините на самото битие на човекот, укажувајќи на можноста за негово учество во животот на Светата Троица.

Овој празник нè потсетува дека преку Пресвета Богородица, човечката природа станува носителка на благодатта. Како Мајка на Воплотеното Слово, неа ја почитуваме не само како застапница, туку и како икона на спасеното човечко, како онаа што го донесе на светот почетокот на новиот живот. Токму затоа, Рождеството на Богородица е и празник на надежта – бидејќи во нејзиното раѓање, го гледаме раѓањето на Црквата, на новиот Израил, на новата заедница што ќе се оствари во Христос.
Присуството на Богоблагодатната во нашите животи е постојано сведоштво за можноста на секој човек да се обожи, да стане дел од тајната на Божјото совршенство. Со Рождеството на Пресвета Богородица, светот се подготвува за најголемото чудо – Бог ќе стане човек, за човекот да стане бог по благодат, пишува во горенаведениот текст, под наслов „Рождеството на Пресвета Богородица – Почеток на нашето спасение“, објавен на веб-страницата на Бигорскиот манастир.

На празникот Рождество на Пресвета Богородица се прославува и тоа што, со Божјата благодат, секој христијанин го прима тоа што го примила Пресвета Богородица, а тоа е големата благодат, која им е дадена на сите луѓе со Христовото раѓање од Дева Марија.