Со одличниот концерт на трио „Анимато“, вчера беше затворено петтото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал. Публиката уживаше во дела на Трајко Прокопиев, Алексеј Шор, Едвард Елгар, Франц Доплер. „Анимато” е камерен состав, чија уникатност во изведбата и составот го вбројува во групата специфични и ретки, а го сочинуваат: м-р Светлана Димитриевска – пијано, м-р Даниела Неделковска -флејта и м-р Симона Марочковска Манојловска – флејта, сите три професорки во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”.

Лешочкиот камерен музички фестивал и годинава се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ” во манастирскиот комплекс Лешок, со три фестивалски вечери, во организација на познатото дуо м-р Љубиша Кировски – виола и м-р Маја Шутевска Кировска – пијано, кои освен со личен уметнички печат како камерно дуо, придонесуваат за развојот и значењето на камерното музицирање, даваат поттик на новите камерни состави. Мотото на фестивалот е „Зближување преку уметноста, приближување на различни култури преку универзалниот јазик-музиката“.
