Упадите од дронови на териториите на земјите членки на НАТО ќе го поместат и прагот на реакција на Алијансата
- Во овој момент, според анализата на „Индипендент“, Алијансата би можела да почне да разгледува проактивно соборување авиони што се приближуваат кон нејзините граници од Украина или од Белорусија, или над Црно Море кон Романија. Ова, барем на хартија, јасно би дефинирало каде започнува зоната во која руските воени операции се неприфатливи за НАТО
Неодамнешните упади на беспилотни летала во воздушниот простор на членките на НАТО, Полска и Романија, го отворија прашањето колку долго Северноатлантската алијанса може да ги толерира ваквите провокации (за кои се сомничи Русија). „Алијансата сега мора да размисли за јасни црвени линии (и што ќе се случи ако Русија повторно ги премине)“, пишува директорот на аналитичкиот центар Институт за истражување кризи, Марк Алмонд, во анализа за британски „Индипендент“.
Минатата недела 19 беспилотни летала влегле во полскиот воздушен простор, од кои некои поминале стотици километри во воздушниот простор на членката на НАТО пред да бидат соборени од полски авиони. Само неколку дена подоцна дрон прелетал и над Романија, каде што бил следен од романски Ф-16 речиси еден час пред да се врати во Украина.
Засега, НАТО вербално го осуди упадот на беспилотни летала и ја започна мисијата „Источна гарда“, што претставува распоредување дополнителна опрема на границите на Алијансата со Русија, Белорусија и Украина. Но, како што истакнува Алмонд во „Индипендент“, ова не одговара на клучното прашање – што би се случило ако од членка на Алијансата се побара да го активира членот 5 за колективна одбрана.
Алмонд се сеќава на добропознат пример од Сирија во 2013 година, кога тогашниот американски претседател Барак Обама повлече „црвена линија“ кога ја предупреди власта на сирискиот претседател Башар ал-Асад да не користи хемиско оружје и се закани со „тешки последици“. Кога се случи тоа, Вашингтон и неговите сојузници не одговорија, туку ѝ дозволија на Москва да организира извоз на дел од сирискиот арсенал на оружје за масовно уништување, оставајќи го Асад на власт. Затоа, додава Алмонд, празната закана од НАТО може да биде уште покатастрофална од никаква закана. „Ако се повлече нова линија, таа мора да биде цврста и применлива“, наведува аналитичарот.
Во овој момент, според анализата на „Индипендент“, Алијансата би можела да почне да разгледува проактивно соборување авиони што се приближуваат кон нејзините граници од Украина или од Белорусија, или над Црно Море кон Романија. Ова, барем на хартија, јасно би дефинирало каде започнува зоната во која руските воени операции се неприфатливи за НАТО.
Таквиот потег би го зајакнал чувството на безбедност кај источните членки на НАТО, од Полска до Романија. Но, Алмонд предупредува дека Украина би можела да се чувствува напуштено од сојузниците ако НАТО го ограничи конфликтот само на своите граници, а во исто време јасно сигнализира дека Украина нема да добие директна воена заштита. Решението, според Алмонд, би можело да биде дефинирање црвена линија што би ја опфатила западна Украина. Р.С.