Фото: Нова Македонија

Македонските политичари треба дефинитивно да преземат сѐ за да не се промени никогаш македонската „идентитетска ДНК“ по никоја цена и пред никаков
притисок од надвор, па нека биде и пред Брисел, Париз и Берлин

Се поставува прашањето како македонските политичари ќе ги протолкуваат најновите турбуленции во Франција и во Германија, со цел да ја позиционираат македонската држава во таква насока што ќе може да се синхронизира со тие внатрешни социоекономски и, пред сѐ, политички вриежи во француската и германската држава, заради создавање поголем маневарски меѓународен простор, за да можат да се амортизираат притисоците врз Македонија, поврзани со ултиматумите и барањата да продолжиме со (идентитетските) промени и деноминација на нацијата и македонската држава испорачани од либералните сегашни европски елити.

Десноориентираната европска политичарка Марин Ле Пен изминатата недела изјави: „Оваа криза ја предизвикаа и ја поттикнаа Макрон и сите оние што му служат. Поради нив Франција сега е болниот на Европа“. Ставајќи се во улога на „европски адвокат“ на интересите на Бугарија, Емануел Макрон со својот „француски предлог“ ја стави и Македонија во своевидна улога на „болниот на Европа“, како да е неспособна да ги исполнува изворните Копенхашки критериуми за проширување на ЕУ, туку да мора да ги исполнува само (санстефанските) ултимативни критериуми на официјална Софија за евроинтегрирање!? Според повеќе експертски мислења и брифинзи, разнишувањето на претседателската фотелја на Макрон може да се искористи и за разнишување на „францускиот предлог“ заедно со придружните протоколи кон бугарскиот „добрососедски договор“.
– Да бидеме директни: ако падне Макрон, со него треба да падне и кај нас неговиот пробугарски предлог! Штом Французите ги отфрлаат Макрон и неговиот „макронизам“, чуму па ние мораме да го чуваме неговото „политичко наследство“ во Македонија? Чуму мораме ние да исполнуваме агенда, наметната од надвор, која ги уништува македонскиот идентитет, јазик, историја и држава, смислена во „геополитичката лабораторија“ на Макрон, кој е бездруго најнепопуларниот политичар што го имала Француската Република во својата понова политичка и национална историја – велат нашите соговорници, кои очигледно детектирале дека меките политики на бескрајни наши попуштања и компромиси не даваат плод и дека треба силно „да се фатат ветриштата на промени и да се излезе од бурата на неолиберализмот и беспоштедното претворање на голем дел од светот, особено помалите нации, во аморфна маса, која се обликува по желба на либералните центри на моќ“.

Некои несреќни вкрстувања на германско-македонските политички линии од најновата историја

Во колективната меморија на македонскиот народ е запишано директното учество и на Германија откако се изврши „преспански инженеринг“ врз македонскиот идентитет, јазик и историја… Во тој контекст посебно останува запомнета изјавата од 6 ноември 2014 година на тогашниот германски министер Франк Валтер Штајнмаер на конференцијата во Берлин посветена на Западен Балкан дека „Германија притиска да се реши спорот за името меѓу Македонија и Грција, но тоа не може да се случи прекуноќ“. И како се „реши“ спорот веќе е сосема познато…

Натаму, државно-политичкото раководство на Германија притиска „да се реши“ на многу сличен начин и „спорот“ што го има Бугарија сама со себе околу постоењето на Македонија и македонскиот народ со македонскиот јазик. Притискаше Франк Валтер Штајнмаер и на 29 ноември 2022 година директно во Собранието на Македонија, тогаш веќе во улога како германски претседател, рецитирајќи дури и поезија и цитати од Блаже Конески и Петре М. Андреевски, да се изодел патот кон Европа. Секако, првин само да се ставеле Бугарите во македонскиот Устав.

Токму затоа македонските политичари треба дефинитивно да преземат сѐ за да не се промени никогаш македонската „идентитетска ДНК“ по никоја цена и пред никаков притисок од надвор, па нека биде и пред Брисел, Париз и Берлин. Не се потребни репризи од сцените на француските улици и на улиците во македонските градови, ќе биде доволна само максимална посветеност на македонските интереси, потребни се без срамење и плашење соодветни веќе и директни контакти и со оние политички сили и лидери што сѐ поенергично почнуваат да бараат „Франција на францускиот народ“ и „Германија на германскиот народ“. Еднакво и ние имаме право да се залагаме и да бараме „Македонија на македонскиот народ и на сите македонски граѓани“, а не да биде Македонија „европеизирана“ според „бугарски терк“. Наместо „бугарскиот макронизам“ на Емануел Макрон, најпотребен ни е македонизмот на Крсте Петков Мисирков. Св.Т.