Фото: Пиксабеј

Изненадувачко откритие

Тим истражувачи од француската државна агенција за храна открија дека некои стаклени шишиња содржат повеќе микропластика од други садови направени од поинакви материјали, вклучувајќи ги и пластичните шишиња. Научниците дојдоа до „изненадувачкото откритие“ благодарение на тестовите спроведени од државната лабораторија АНСЕС за безбедност на храната. Главниот виновник за таквиот неочекуван исход е бојата од капачињата на шишињата.
– Утврдено е дека нивото на микропластика е повисоко во стаклените шишиња отколку во други слични шишиња – рекоа тие.

Стаклените шишиња со „кока-кола“, лимонада, ладен чај и пиво содржеле најмалку пет пати поголемо количество од овие ситни честички отколку пластичните шишиња или лименки.
– Очекувавме токму спротивен резултат кога направивме тестови за да го споредиме количеството микропластика во различните видови пијалаци што се продаваат во Франција – рече Изелин Шаиб од Одделот за безбедност на течности во Булоњ-сур-Мер, која ја водеше студијата во лабораторијата.

Целта на истражувачите беше да го утврдат нивото на „контаминација со микропластика“ во пијалаците и да го проценат влијанието на видот на садот или шишето врз количеството загадување. Членовите на истражувачкиот тим рекоа дека не ги проучувале „токсиколошките референтни податоци“, што значи дека не биле во можност да го утврдат здравствениот ризик поврзан со количеството пластика пронајдена во шишињата.

Но на луѓето им беше советувано да се обидат да го намалат количеството пластика што влегува во пијалаците со плакнење на капачињата пред да ги вратат на шишето. Тие исто така рекоа дека за време на истражувањето наишле на траги што укажуваат дека микропластиката што ја откриле во пијалаците е „претежно со иста боја и состав како и бојата на тапите“.
– Се сомневавме дека тапите би можеле да бидат главен извор на контаминација, бидејќи повеќето од честичките изолирани во пијалаците беа идентични со бојата на тапите и имаа ист состав како тие што го најдовме на нив – објаснија експертите.