Фото: „Нова Македонија“

Скандалозно однесување на државни функционери што забораваат која земја ја претставуваат

Симптоматично е што ваквите напади врз јазикот се случуваат синхронизирано, како однадвор така и одвнатре, со што оправдано се наметнува дилемата дали зад сето тоа стои проект за уривање на унитарниот карактер на државата. А токму такво сценарио одамна посакуваат некои регионални центри, кои во тоа гледаат можност полесно да ги остварат сопствените интереси

Во време кога Македонија како држава води клучна битка за одбрана на македонскиот јазик на надворешен план, некои внатрешни елементи и натаму се обидуваат да ја поткопаат неговата улога како официјален јазик на државата и да наметнат перцепција дека во земјава всушност постојат два официјални јазика.
Имено, неодамна бурни реакции во јавноста предизвика одбивањето на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи да одговори на македонски јазик на поставено новинарско прашање. Нешто слично направи и директорот на Инспекторатот за употреба на јазици, Арсим Идризи, кој исто така одби да говори на македонски јазик пред новинарите.

Оваа практика на избегнување на употребата на официјалниот јазик се провлекува веќе подолго време, а речиси без исклучок ја применуваат функционерите што се дел од албанскиот политички блок во земјава.

Не толку одамна и поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери во обраќањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент говореше само на албански јазик, иако Уставот го обврзува во официјалните настапи да се обрати на официјалниот јазик на државата од која доаѓа, односно на македонски.
Според македонскиот Устав и закони, македонскиот јазик има приоритет при неговата употреба во службената комуникација од страна на функционерите во земјата, а дури потоа може да се употребува и друг јазик различен од македонскиот.

Симптоматично е што ваквите напади врз јазикот се случуваат синхронизирано, како однадвор така и одвнатре, со што оправдано се наметнува дилемата дали зад сето тоа стои проект за уривање на унитарниот карактер на државата. А токму такво сценарио одамна посакуваат некои регионални центри, кои во тоа гледаат можност полесно да ги остварат сопствените интереси.
– Неупотребата на македонскиот јазик од страна на владини функционери на официјални настани не е ништо друго туку негирање на државата Македонија. Сведоци сме дека дури и странски амбасадори што доаѓале во земјава за кратко време го научуваа македонскиот јазик и на тој јазик говореа при нивните јавни настапи. Од друга страна, тезите дека некој бил долго во странство и не го знае официјалниот јазик на државата едноставно не држат. Ако не го знае официјалниот јазик, тогаш не може да биде на функција, работата е крајно едноставна. Но тука не станува збор за незнаење, туку за добро осмислен процес во кој албанскиот јазик ќе се наметнува како паралелен официјален јазик и на службени настани. Албанското знаме го гледаме веќе секаде во државните институции под раководство на функционери од партиите на македонските Албанци, на секои избори се избира меѓу победник во македонскиот и албанскиот блок, се говори за проекти само за Албанците, така што полека се наѕираат сите елементи на една бинационална држава, која во некоја блиска иднина ќе се официјализира. За да се задржи унитарниот карактер на Македонија, јазикот мора да биде нашето обединувачко ткиво, за да можат сите да се разбираат и на тој начин да се гради единство за сите прашања. Тој што не го почитува официјалниот јазик на државата, не ја почитува ниту државата, така што клучното прашање е како тој избран функционер ќе ги брани утре македонските интереси кога очигледно има други приоритети – заклучуваат некои од соговорниците реагирајќи на игнорантскиот однос на некои функционери кон официјалниот јазик.
Аналитичарот Синиша Пекевски даде свое видување на погазувањето на македонскиот јазик од страна на некои функционери.
– Во држава во која се саботира владеењето на правото, не може да се очекува дека ќе се почитува и државата како целина. Во време на избори испливуваат на површина сите оние нелогичности и непочитување на државата. Во изминатите 34 години се докажа дека политичарите се грижат само за сопствените бенефиции, но не и за државата, нејзиниот интерес, идентитет – констатира Пекевски.