Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ФИФА

Имало повеќе од 1,5 милион апликации за билети за СП 2026 во рок од 24 часа од почетокот на пријавувањето за влезници. Периодот за пријавување за извлекување ќе остане отворен до петок. Оваа претпродажба е првата фаза од продажбата на билети за СП 2026

Само 24 часа по почетокот на периодот за пријавување за извлекувањето за претпродажба на билети за Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, Светската фудбалска федерација (ФИФА) доби импресивен број апликации од целиот свет, при што се пријавиле повеќе од 1,5 милион гледачи од 210 земји, објави ФИФА. Најголемата побарувачка досега доаѓа од САД, Мексико, Канада, Аргентина, Колумбија, Бразил, Англија, Шпанија, Португалија и од Германија.

Оваа претпродажба е првата фаза од продажбата на билети за фудбалскиот Мундијал в година. Пријавувањето трае до 17 часот по средноевропско време на 19 септември, а по процесот на селекција по случаен избор успешните кандидати ќе бидат известени преку е-пошта почнувајќи од 29 септември и ќе им биде даден датум и време за купување на билетите (во зависност од достапноста), при што временските термини почнуваат од 1 октомври, пишува Светската фудбалска федерација.

Гледачите ќе можат да обезбедат билети за групната фаза по цена од 60 долари во почетокот на продажбата. Поединечните влезници за сите 104 натпревари ќе бидат достапни кога ќе почне продажбата на билети, заедно со билети за специфични места и билети за специфични репрезентации, објави Светската фудбалска федерација. Следните фази на продажба на билети за СП 2026 треба да почнат во октомври.

Гледачите веќе можат да купат пакети за гостопримство за еден натпревар и за повеќе натпревари, вклучувајќи билети за натпревари, преку интернет-страницата на ФИФА. Н.М.