Фото: ЕПА

Во европските метрополи сѐ помасовен граѓански израз на незадоволство од актуелните француски и германски политики

Свето Тоевски

Само три дена по големите и насилни протести во Франција на движењето „Блокирај сѐ“ во Франција против претседателот Макрон и француската влада, со учество на околу 200 илјади Французи, исто така и во Берлин, во главниот град на Германија, следуваа големи протести изминатава сабота против вмешаноста на Германија во воените судири на Блискиот Исток и Украина. Според германските медиуми, забележителна бројка граѓани излегоа на улиците на Берлин, за да протестираат против војната и трката во вооружување, за мир во Европа и Појасот Газа. Акцијата беше организирана од партијата Сојузот на Сара Вагенкнехт – За разум и правда и се одржа пред Бранденбуршката порта. Во Франција и во Германија се на нозе политички сили и лидери, кои сѐ поенергично почнаа да бараат „Франција на францускиот народ“ и „Германија на германскиот народ“.

„Ова е само почеток на жешка есен: против воениот курс на германската влада, против вооружувањето и милитаризацијата во големи размери“, напиша Вагенкнехт на социјалната мрежа Икс. Главно мото на протестите беше „Мир наместо трка во вооружување!“
На митингот присуствуваа Сара Вагенкнехт, коосновачка на унијата „Сара Вагенкнехт – За разум и правда“, и неколку германски културни личности. Покрај прекинот на испораките на германско оружје, организаторите на акцијата ја повикаа германската влада „искрено и сериозно да учествува во мировните преговори“. Тие се изјаснија против обновувањето на регрутирањето и распоредувањето американски ракети со среден дострел во Германија. Сара Вагенкнехт најави „жешка есен“ во Германија, а претходно германскиот канцелар Фридрих Мерц навести „есен на реформи“. Но, големо прашање е колку ќе му биде попрво „жешко“ нему во неговата канцеларска фотелја, додека смислува какви „реформи“ да им подметне на Германците, за кои е повеќе јасно дека не го сакаат ниту него, ниту неговиот план за реформи.
Во својата анализа со наслов „Мерцова Германија се соочува со проблеми поради есента на реформите“, Бен Најт, политичкиот аналитичар на германскиот државен информативен сервис „Дојче веле“, ја нагласува одлуката на канцеларот Фридрих Мерц дека претстојната есен во Германија мора да биде сезона за справување со итни домашни проблеми на Германија.
– Но тоа ќе значи конфликт со неговите коалициски партнери од централнолевичарската партија. „Есента на реформите “ на канцеларот Фридрих Мерц би можела да се претвори во сезона на коалициски судири додека тој продолжува со својот амбициозен план за реформирање на социјалната држава во Германија и за воведување даночни реформи, заради зајакнување на економијата – наведува Најт.
Тој напоменува дека конзервативната база на членството и гласачите на ЦДУ татне од незадоволство уште од март, кога Мерц го притисна парламентот „да ја заколе светата крава“ на секој германски конзервативец, односно да се крене сопирачката за националниот долг, за да се дозволат огромни нови заеми за плаќање одбранбени и инфраструктурни проекти. „Базата на ЦДУ е разгневена оттогаш“, предупреди Оливер Лембке, политиколог на Универзитетот во Бохум.

Анкетата на АРД Дојчландтренд, спроведена во август, покажа дека задоволството од Мерц паднало на само 32 отсто, што е пад од десет поени во споредба со претходниот месец.

„Околу две третини од Германците (65 отсто) изразиле незадоволство од работата на Мерц. Основните гласачи на ЦДУ одделно се разгневени од огромниот нов национален долг, а гласачите и на ЦДУ и на СПД се разочарани, поради тоа што ветените планови за намалување на даноците за електрична енергија не се реализираа за домаќинствата и малите и средните претпријатија“, заклучува Бен Најт во анализата за англиското издание на Дојче веле.

Треба да се фрли аналитички поглед и на анализата на Хенинг Хоф, извршниот уредник во „Интернационале политик“, водечкиот аналитички магазин на Германскиот совет на надворешни односи, со наслов „Дали германската надворешна политика некогаш ќе ги промени своите позиции?“, објавена на 22 август. Хоф им воспоставува дијагноза на германските, па и на денешниве германски политичари дека „боледуваат од болеста да се наведнуваат пред сѐ што не можат да направат самите“.
– Главниот проблем е тоа дека Германија никогаш нема да направи ништо без Вашингтон. Претходникот на Мерц, Олаф Шолц (СПД), кога беше канцелар секогаш беше желен да дејствува во чекор со тогашниот американски претседател Џо Бајден, барем кога тоа се вклопуваше во неговата сопствена агенда…. Вториот проблем е германската болест „исклучувачки“ („Ausschließeritis“), која силно ги напаѓаше германските странски политичари во минатото, предизвикувајќи го кај нив импулсот да се наведнат, пред сè и сите работи што Германија не е подготвена сама да ги направи. Тоа е карактеристика што веднаш го стеснува просторот за маневрирање на германската надворешна политика, ги ограничува нејзините опции и ја прави земјата помалку корисен сојузник – како во овој случај – критикува извршниот уредник на „Интернационале политик“, Хоф.

Според него, пред германската политика е долг пат да ја промени својата германска ДНК.
– Болеста е поврзана со навидум длабоко вкоренет страв дека сè е „премногу“ за кутрата мала Германија и Германците воопшто, кои во политичко-воените прашања може да бидат турнати само до одреден степен пред да ги кренат рацете.
Постратегиската и покохерентна германска надворешна политика е сè уште далеку, таа сè уште има уште многу да помине за навистина да ја промени својата ДНК – заклучува Хоф.