(или „Запис за проникливоста“ и македонската стварност)
Тони Димитров
Жозе Сарамаго е еден од најзначајните книжевни гласови на 20 и 21 век, чие дело постојано го предизвикува читателот да размислува надвор од зададените рамки. Неговите романи се длабоко алегорични, филозофски и политички провокативни, често користејќи фикција за да ги разголат структурите на моќ, општествените слепила и моралните парадокси на модерното време. Добитник на Нобелова награда за литература, Сарамаго остави зад себе корпус што не само што ја поместува границата на нарацијата туку и ја обновува улогата на книжевноста како чин на отпор, сомнеж и хуманизам.
По исчитување на романот „Слепило“, кој на мрачен, но извонреден начин ја отсликува епидемијата на слепило што ја зафаќа современата цивилизација, како своевидно продолжение следуваше и читањето на романот „Запис за проникливоста“, кој ја носи приказната во политичка димензија, чии рамки ја опфаќаат и нашата реалност.
Во романот „Запис за проникливоста“, Жозе Сарамаго го поставува следново сценарио: на денот на изборите (патем локални), огромно мнозинство од граѓаните фрла празни ливчиња. Без хулиганство, без насилство, само тишина и празнотија. А сепак, таа празнина одекнува како политички земјотрес. Власта се паничи, институциите ја губат рамнотежата, а државата наместо да се преиспита, почнува да го прогонува сопствениот народ.
Звучи како фикција? Добре дојдовте во Македонија.
Во последните години сме сведоци на хронично разочарување од политичкиот систем. Граѓаните сè почесто избираат да не излезат на избори. Апстиненцијата е тивка, но масовна. Не е резултат на мрзливост, туку на чувство на бесмисленост, како да нема вистинска понуда, како сите опции да се истрошени.
Токму оваа реалност го прави романот на Сарамаго шокантно актуелен, особено за нашиот политички контекст, особено непосредно пред изборите. Кога државата во романот се соочува со празните ливчиња, таа не се запрашува зошто народот не избрал, туку почнува да го гони, да го следи, да го шпионира, да го обвинува за „антидржавно однесување“. Слично, и кај нас, наместо реално соочување со причините за политичката апатија, се врти кругот на обвинувања: „народот не разбира“, „граѓаните се неблагодарни“, „виновни се лажните вести“.
Секако, кај нас не се случиле масовни „бели ливчиња“ како во романот, но се случува нешто речиси исто толку моќно – апстиненција. Од избори до избори, процентот на излезеност паѓа. Мнозинството молчи. Празни ливчиња не ни требаат, ги заменува празната гласачка кутија.
Иако неучеството на граѓаните се толкува како апатија, неодговорност, незаинтересираност, аполитичност, Сарамаго нуди поинаква перспектива: што ако молкот е всушност акт на проникливост? Што ако тоа е глас на луѓето што не сакаат повеќе да избираат помеѓу различни нијанси на истата корупција?
Македонскиот бинарен политички пејзаж одамна е затнат во еден ригиден систем на партиски клиентелизам, лажни ветувања и вештачки поделби. Изборите, наместо да бидат алатка на демократијата, се претвораат во театар во кој сценариото секогаш го пишуваат истите автори. Граѓаните го гледаат тоа и избираат да не учествуваат. Не затоа што не им е гајле, туку затоа што им е гајле доволно за да не прифатат фарса за избор.
„Запис за проникливоста“ е страшен роман токму затоа што не ни нуди катастрофа, туку мирен чин на отпор. Нема бомби, нема протести, нема шарена револуција, туку тишина што удира во ѕидовите на моќта. Истата таа тишина одекнува и во Македонија, секогаш кога 50 отсто од граѓаните не излегуваат на гласање. Но, како и во романот, наместо таа порака да се сфати како повод за самокритика, системот се брани со обвинувања, со страв, со конспирации.
За разлика од фикцијата, ние сè уште имаме избор: дали ќе го прифатиме разочарувањето како крај или ќе го претвориме во почеток. Сарамаго поставува едно прашање што би требало да одѕвонува во нашето општество: Што ако народот е побуден од оние што владеат со него? И тоа прашање е исклучително важно за земја како Македонија, каде што демократијата сè уште се учи, а граѓанската свест допрва треба да се разбуди. Во ерата кога партиските елити се занимаваат со себе и својата комоција, а народот со секојдневен опстанок, ова прашање добива дополнителна тежина.
Сарамаго ни покажува колку власта се плаши од свесниот граѓанин, од оној што одбива да се стави на автоматски режим, што не сака да биде инструмент за легитимирање на истите елити во различни обвивки. Македонија, со своите повторливи политички циклуси, корупциски скандали и привид на промени што не носат суштина, е плодна почва за Сарамаговата порака.
Колумната не повикува на бојкот, ниту на бели ливчиња. Повикува на свесност и критичка мисла. На преиспитување на тоа што значи вистинско политичко учество и нов избор. Ако демократијата е дијалог, тогаш и празното ливче знае да е збор. Понекогаш, најгласниот.
Авторот е директор на Културно-информативниот центар (КИЦ)