Пеливани во Студеничани/фото: Маја Јаневска-Илиева

На фудбалскиот стадион во Студеничани, вчера, на 14 септември 2025, се одржа пеливански турнир „Традицијата продолжува“ организиран од Федерација за пеливанско борење на Македонија. На турнирот пеливаните се натпреваруваа во пет категории според возраста и тежината. Покрај домашните натпреварувачи, учествуваа пеливани и од Косово, Албанија, Турција, Грција и Бугарија.

Пеливанството се смета на најстара форма на народен боречки спорт, а популарноста ја стекнува со отомаското освојување на Балканот. Потсетува на современото олимписко борење во слободен стил. Пеливанството е придружено со музика. Победникот на борбата изведува специфични ритуални движења на музика од зурли и тапани, а потоа гледачите го наградуваат лепејќи пари по телото.

Натпреварувачот од Албанија, победата ја прослави и со изведување салто пред публиката.

Пеливанскиот турнир не е само спортски, туку и културен настан па во паузата меѓу борбите настапи и групата Каршијака со традиционален танц. Градоначалникот на Студеничани, Азем Садики, му врачи специјално признание на повозрасниот сограѓанин, Џеладин Исмаили, за посебен придонес и развој на пеливанскиот спорт во Македонија.

Меѓу почесните гости на турнирот присутен беше и спикерот на Собранието, Африм Гаши.

Ова е претпоследен турнир за оваа сезона, последниот ќе се одржи во Сарај, на 21.9.2025 година.

Со препознавање на пеливанството како традиционален спорт и спортска вештина која претставува своевиден културен артефакт со значајни вредности, Министреството за култура го прогласи пеливанството за културно наследство од особено значење во 2019 година.