фото: З.А.

Кон крајот на летото и почетокот на есента сечачите и цепачите на дрва во Кичево имаат најмногу работа и во овој период нивниот интензитет на работа е најголем од текот на целата година. Цените на услугите се речиси на минатогодишното ниво и граѓаните немаат причина да не бидат задоволни од износите кои ги плаќаат за цепење и сечење на огревно дрво.

– Со сечење на дрва се занимавам повеќе од 30 години и нема дом во Кичево и кичевско каде барем еднаш не сум сечел огревно дрво, а често сум баран и во општините Пласница и Македонски Брод. Цената за сечење на еден кубик огревно дрво изнесува 250 денари и речиси не е покачена од претходните година-две. Овие цени важат за град Кичево и блиската околина, додека во пооддалечените села и соседните општини цената е нешто повисока, бидејќи трошиме доста гориво за да стасаме до определеното село или град. Август и септември се месеците кога буквално не можеме глава да дигнеме од работа, и секојдневно сме барани од нашите сограѓани кои планираат навреме да ги средат дрвата за претстојната сезона – истакна Војо Илијоски-Окац, еден од ветераните во оваа област.

Цепачите на дрва исто како и сечачите своите услуги ги наплаѓаат како и претходните години.

– Отсекогаш крајот на летото и почетокот на есента се периоди кога имаме најмногу работа. Населението во градот е се постаро и се помалку граѓаните имаат здравствен капацитет сами да ги пресечат неопходните количества дрва за огрев. Затоа сме уште повеќе барани, а така ќе биде и наредните години затоа што во нашиот град живее се постаро и постаро население, а потребите за затоплување на домовите секоја година се речиси непроменети – вели Трајче Неделковски, цепач на дрва од Кичево.

З.А.