Во Kинотеката на Македонија од сабота започнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (од 11 до 14 години) што сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти, кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
„Филмската училница 2025“ се реализира во рамките на меѓународниот проект „ФилмЕД“, финансиран од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа – медија“, за развој на филмската писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот обединува институции и организации од Македонија (Кинотека на Македонија), Полска (центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка (Крутон) и Словачка (кино „Усмев“), со координација на институтот „Гете“ од Прага.
Со оваа иницијатива, Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и на развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот како медиум што ги поврзува креативноста, културата и современото образование.