ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ГРАНТУР-ТРКА ВУЕЛТА
Властите на шпанската престолнина Мадрид речиси двојно го зголемија бројот на полицајците што ќе бидат распоредени на улиците за време на финалната делница на велосипедската грантур-трка Вуелта (Шпанија), поради честите пропалестински протести, кои веќе ги принудија организаторите да скратат некои етапи на трката.
– Полицијата ќе има околу 800 полицајци по должината на 40-километарската делница во Мадрид иако првичниот план беше да има околу 500 полицајци – изјави заменик-градоначалничката на Мадрид, Инма Санс, на вчерашната прес-конференција.
Со овие мерки, градската полиција се приклучува кон вонредните засилувања на националната полиција, кои се состојат од дополнителни 1.100 полицајци распоредени поради демонстрациите насочени конкретно против тимот Израел-Премиер Тех.
Утре околу 400 члена на Цивилната гарда, исто така, ќе му се приклучат на обезбедувањето за претпоследната етапа, која ќе се вози целосно низ регионот на Мадрид, јавуваат шпанските медиуми.
По 17-та етапа и понатаму во генералниот пласман води Данецот Јонас Вингегор (64 часа, 53 минути и 55 секунди), пред Португалецот Жоао Алмеида, кој доцни 50 секунди, додека Британецот Том Пидкок е трет, со две минути и 28 секунди зад водечкиот. Г.И.