Во денешните полуфинални дуели во Рига, Германија ќе игра против Финска (16 ч.), а Грција против Турција (20 ч.), за пласман во големото финале
КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ
Актуелниот светски кошаркарски првак Германија успеа да се одбрани и покрај 39-те коша на Лука Дончиќ и да ја победи Словенија со 99-91 за пласман во полуфиналето, додека Финска влезе во историјата со своето прво полуфинале, откако ја совлада Грузија (која исто така направи историски пласман со првото четврт-финале) со 93-79. Ден претходно, Турција се пласира во полуфиналето, за првпат од 2001 година, откако ја победи Полска со 91-77, како и Грција, која со 93-79, славеше над Литванија на 42. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, чија завршница се игра во Рига (Летонија), а кодомаќини беа уште Кипар, Финска и Полска. Во денешните полуфинални дуели, Германија (едно европско злато) ќе игра против Финска (16 ч.), а Грција (две европски злата) против Турција (20 ч.).
Финците направија вистинска кошаркарска револуција, а нагорната траекторија почна на ЕП 2015, кога завршија 16-ти. Две години подоцна беа 11-ти, со кошаркарот Лаури Марканен, кој се претстави на светот. Впрочем, 2022 година беше време за уште еден чекор напред, односно осмото место, со големата победа над Хрватска и 43-те поени на Марканен, за да стигне до првото четврт-финале, а сега и до првото полуфинале.
Ласи Туови, на 38 години и 251 ден, е најмладиот тренер што стигнал до полуфиналето, откако Шпанецот Мончо Лопез (34 години и 65 дена) го стори тоа со Шпанија во 2003 година, пишува ФИБА.
– Кошарката не беше толку голема и луѓето не беа толку заинтересирани. За сите оние луѓе што работеа сите овие години за да го изградат ова, јас сум многу среќен – изјави Туови.
Еден од оние што се најзаслужни е и Хенрик Детман (67), архитект на сите промени што се случија во модерната финска кошарка и кој го тренираше тимот од 1992 до 1997 година и од 2004 до 2022 година.
– Вложивме толку многу од нашите напори во тренерите, нивното образование и развој. Се исплати, дури и побрзо отколку што можев да замислам. Имавме среќа што се појавија нови млади талентирани тренери – рече Детман за „Меридиан спорт“.
Три главни области на оваа финска револуција на теренот се ритам, офанзивни скокови и шутирање за три поени. Делот со офанзивните скокови е поврзан со нивната висина, оти тренерот Туови сака да ги користи заедно на теренот Мика Муринен, Микаел Јантунен и Лаури Марканен. Но, исто така, станува збор за менталитетот да се оди на секој достапен офанзивен скок, со три или дури четири играчи истовремено. Не е ни чудо што Финска има 14,6 офанзивни скока по меч и е втора по Франција (15,2) на ова ЕП. Ова беше нивен четврти пат да уфрлат повеќе од 50 поени во првите полувремиња на ЕП откако Туови ја презеде функцијата. Пред тоа, тие имаа само еден меч на ЕП со повеќе од 50 поени во првото полувреме, против Англија во 1955 година.
– Сите се среќни, но сепак можеме да направиме уште повеќе историја. Го имаме најважниот натпревар во финската кошарка в петок. Убаво е да се создава историја и сакате да продолжите да ја создавате – додаде играчот Микаел Јантунен, кој беше најефикасен со 19 поени, Лаури Марканен додаде 17, Едон Магуни 15, а Сасу Салин 14 поени…
Поразената Грузија, пак, испиша историја со првиот пласман во четврт-финалето. Тренерот Александар Џикиќ и неговите момци беа пречекани со овации од 1.000 нивни навивачи зад клупата, дури и кога губеа со 20 поени. Од Финска, Торнике Шенгелија со 18 поени беше најефикасен на мечот.
На светскиот шампион Германија му беше потребен многу напор за да ја победи Словенија со 99-91 и да стигне до полуфиналето. Во присуство на 9.038 гледачи во арената во Рига, над другите се издвоија Франц Вагнер со 23 поени и Денис Шродер со 20. Германците имаа само шест изгубени топки, имаа предност од 16-6 во брзите напади и погодија 30 од 37 слободни фрлања.
– Среќни сме, го заслужуваме полуфинале. Тие играа паметно и знаеја како да извлечат фаули. Дончиќ привлекува многу внимание кон себе и погодува многу тешки шутеви. Речиси постигнавме 100 поени за да можеме да бидеме среќни каде што сме – рече германскиот бек Андреас Обст, пишува ФИБА.
И тренерот на Словенија, Александар Секулиќ, имаше пофални зборови.
– Горд сум на овие момци. Она што го направија ова лето и на ова ЕП, против веројатно најдобрата селекција, и да ги надиграат во текот на целиот натпревар, тоа е големо. За жал, не бевме успешни, но можеме да го напуштиме ова ЕП со кренати глави – рече Секулиќ. Г.И.
Четврт-финале, резултати
Турција – Полска 91-77
Литванија – Грција 76-87
Финска – Грузија 93-79
Германија – Словенија 99-91
Полуфинални двојки, денеска
Германија – Финска 16 ч.
Грција – Турција 20 ч.