Парадоксот на љубовниот триаголник

Рецензија

Јоаким Трир својата одисеја ја започнува со трилогијата односно дебитантската сага „Реприза“ (2006), каде што се навестува пријателскиот ривалитет за поезија, по неа следува возбудливата драма „Осло 31 август“ (2011), каде што сме сведоци на осамениците што се вгнездени во канџите на хероинската зависност, кој финишира но и го достигнува својот зенит на креативна моќ со одличната романса „Најлошата личност на светот“ (2021).
Интересно е да споменеме ова не е прва соработка меѓу Трир и Андерс Денилсен (Аксел). Тие соработуваат низ целиот циклус, што не е ист случај и со Ренате Реинсве (Јулија), со која по неполни 15 години од „Осло 31 август“ повторно доаѓа до соработка.
Но, да се навратиме онаму каде што застанавме, односно на наративната структура од филмот.
„Најлошата личност на светот“ (2021) е романтична комедија работена по сценариото на Јоаким Трир и Ескил Вогт.
Јулија (Ренате Реинсве) е студентка по медицина, која не пројавува голем интерес за оваа наука, па набрзо еквилибрира во полето на психологија, за конечно да најде целосна сатисфакција во светот на фотографскиот апарат. Таа започнува емотивна врска со Аксел (Андерс Даниелсен Лие), реномиран интелектуалец во светот на стрипот, кој е неколку години постар од неа. Сакајќи да го импресионира својот љубовник, таа пишува експлицитен текст за сексуалните игри. Кај Аксел се активира пламенот на љубовта и ѝ вели на Јулија дека сака да има дете со неа, чиј предлог таа грубо го отфрла.
Но, очигледно Јулија има смислено други планови – (на)место да се врати дома кај Аксел по завршената изложба, таа се уфрла на непознат свадбен церемонијал, каде што го запознава Елвинд (Херберт Нордрум), кој работи како келнер. И покрај тоа што двајцата се во љубовни врски, разменуваат нежности и си ги споделуваат само имињата.
На јубилејниот 30. роденден на Јулија, татко ѝ продолжува постојано да ја одбегнува и секогаш наоѓа бесмислени изговори за неговото отсуство од фамилијарните забави (изгубен клуч, немање паркинг-место и друго).
Во библиотеката во која работи го сретнува Елвинд со неговата девојка, а тој постојано гледа на кој било начин да се приближи до неа. Јулија прави радикален чекор напуштајќи го Аксел и се закотвува во утешните прегратки на келнерот за да ја смири својата промискуитетна природа. Набрзо ја запознава и не толку забавната страна од Елвинд, кој често со своето друштво експериментира во халуциногениот свет на волшебните печурки, чие дејство трае и по неколку часа.
Јоаким Трир развива силна емпатија за ликовите во социјалниот реализам по урнекот на неговиот омилен англиски маестро Кен Лоуч, „Извинете, не ве најдовме“ (2019) и несомнено недостижните ремек-дела „Земја и слобода“ (1995) и веројатно најдобриот „Кес“ (1969). Одлично се снимени екстериерите на Осло, каде што доминира пријатната атмосфера и на затворените простори, истакнувајќи ја прозрачноста на скандинавското милје.

Како куриозитет би издвоил една од најдобрите сцени не само во нордиската кинематографија туку воопшто, а тоа е стоп-сцената, која е како замрзната во моментите кога Јулија се упатува трчајќи кон Елвинд, а сѐ околу нив е стопирано. Ова убава метафора ни дошепнува за временскиот ерос, кој како да е создаден само за нивната интима.
Доза на сентимент содржи и сцената кога разменуваат бакнежи преку димот од цигарата. Трир одмерено го запира нашиот здив од јакиот интензитет на љубовната хемија.
Сите аплаузи одат на адресата на данскиот волшебник на фотографија Каспер Туксен, кој со своето минуциозно око ѝ е познат и на македонската јавност по освоената „сребрена камера“ на реномираниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола пред неколку години.
Норвежаните имаат еден многу убав слоган, кој вели дека „доколку не успееш во животот, тогаш си најлошата личност на светот“, токму како истоимениот филм, а по некоја иронија улогата на Јулија беше наменета специјално за неа.
За среќа, Ренате Реинсве е рефлексија на сончев зрак во норвешката кинематографија и едно од најбараните актерски имиња. За нејзиниот раскошен талент како најдобра актерка беше наградена со „златна палма“ во Кан, проследено со долготраен аплауз.
Андре Даниелсен Лие, пак, освен актерство, исклучителни знаења покажува и на полето на медицината со професијата доктор, но неговата сестраност не застанува тука туку изненадува и на полето на музичките води.
По краткото интермецо, се враќаме кон нашата приказна, онаму каде што застанавме.
Кај Јулија проработува интелектуалниот нерв на освестување и сакајќи да ја докаже својата интелектуална надмоќност кон нејзиниот љубовник, таа рафално исфрла понижувачки арсенал. Увидувајќи ја својата грешка, забрзано јури кон болницата во посета кај Аксел, кој боледува од рак на панкреас, но се чини емотивниот бумеранг кај Јулија многу задоцнил. Аксел се соголува пред неа и ја потврдува вистината за тоа дека таа му останала најголемата животна љубов.
Со галонски багаж од солзи, Јулија се враќа кај Елвинд, соопштувајќи му ја долгоочекуваната тајна за нејзината бременост дека очекува дете од него. Но, за жал, по низа околности не го дочекува бебешкиот плач.
Примитивниот хабитус на келнерот пронаоѓа љубовна оаза со згодната актерка од рекламниот спот, а Јулија е нем сведок на среќата на некогашниот љубовник.
На крајот би можел да дадам и своја лична констатација за филмот за коj стоички тврдам: „Најлошата личност на светот“ (2021) е норвешки бисер во светската кинематографија, кој поставува нови естетски модули како лектира за идните генерации.

Александар Василевски