Фото: ЕПА

Шпанецот ги освои титулата, откако го победи Италијанецот Јаник Синер во финалето со 3-1 во сетови, и шестиот гранслем-турнир

ТЕНИС – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА САД

Шпанецот Карлос Алкараз (22) победи на гранслем-турнирот, Отвореното првенство на САД, откако во финалето го победи Италијанецот Јаник Синер (24) со 3-1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1, 6-4) и со тоа го презеде првото место на светска АТП-листа од Синер. Алкараз славеше по два часа и 44 минути игра, што беше 10-та победа во 15-те нивни меѓусебни меча. Сите четири гранслем-турнири во сезонава ги освоија двајцата најдобри играчи на АТП-листата, Синер, Австралија опен и Вимблдон, а Алкараз, Ролан Гарос и САД опен.
– Ова е најдобриот турнир досега на кој сум играл. Конзистентноста на моето ниво во текот на целиот турнир беше навистина висока, на што сум навистина горд. Трите недели што ги поминав тука се привилегија – рече Алкараз по триумфот, кој со овој успех ја продолжи победничка серија на 13 меча. Тој загуби само еден дуел од мај, и тоа токму од Синер во финалето на Вимблдон, пишува „Би-би-си“.
За Алкараз ова беше шеста гранслем-титула, втора на САД опен. Но, и повторно, титулата не беше одбранета во машка конкуренција. Синер му го препушти тронот на Алкараз. Последниот што успеа да го освои Отвореното првенство на САД две години во низа беше Роџер Федерер во 2008 година.
Кај тенисерките на истиот турнир триумфираше ланската славеничка, Белорусинката Арина Сабаленка (27), која со 2-0 во сетови 6-3, 7-6, беше подобра од Американката Аманда Анисимова (24), што претставува нејзина четврта гранслем-титула во кариерата. Шампионите на турнирот во машка и во женска конкуренција добијат по пет милиони долари. Г.И.