Таписеријата од Бајо е еден од најпознатите и најзначајни историски документи на светот – ја прикажува приказната за нормандиското освојување на Англија од 1066 година, всушност битката кај Хејстингс одиграна на 14 октомври истата година. Но и покрај илјадниците странци испишани за оваа таписерија, историчарите превиделе еден не толку забележлив аспект на неа – извезените пениси, вкупно 93.
Професорот по историја за среден век од Универзитетот во Оксфорд, Џорџ Гарнет, тврди дека тој е првата личност во илјада години што ги избројала сите пениси на таписеријата од Бајо. Тој вели дека славниот приказ на битката кај Хејстингс содржи точно 93 полови органи, а дека оној на коњот на кралот Вилијам Освојувачот е најголем. Тој иста така тврди дека оваа вежба на броење била многу повеќе од доказ за склоноста кон тинејџерско кикотење на уметникот што го ткаел делото, и дека овие безобразни елементи го предупредуваат посматрачот на темите за предавство и измама што преовладуваат во ова прераскажување на инвазијата на Нормандијците врз Англија.
Имено таписеријата е исткаена во знак на прославата на победата на нормандискиот крал Вилијам над саксонскиот крал Харолд. Иако станува збор за едно од најпознатите дела во историјата на уметноста, кое во 2010 година првпат ќе ја напушти Франција и ќе биде изложено во Британскиот музеј, професорот Гарнет изјави дека досега никој не се потрудил да ги преброи сите животински и човечки гениталии прикажани на ова платно, кое и покрај називиот е везено, а не ткаено.
Низата сцени претставени по должината на 68 метри, на 46 сантиметри широкиот појас предизвикува вистинска опсесија кај многу историчари.
– На таписеријата, како што ни е кажано, има 626 луѓе, 190 коњи, 35 кучиња, 37 дрвја, 32 брода, 33 градби и сл., но колку што ми е познато никој сѐ уште не ги имал пребројано сите пениси. Според мојата пресметка, на оригиналната таписерија се наоѓаат дури 93 – напиша Гарнет на сајтот „Дополнителна историја“ на Би-би-си.
Тој вели дека четири пениси им припаѓаат на мажи, а она што личи на петти се наоѓа на трупот на еден војник на долната маргина.
– Има и нешто што личи на пар тестиси, додека самиот пенис е прекриен дискретно позициониран на рачка на секира. На коњите, меѓутоа, има 88 пениси, а интересно е што нема на ниеден пес ниту на друго животно, меѓу многуте, што се наоѓаат на главната сцена или на маргините – вели професорот, кој додава дека толкавиот број пениси открива дека креаторот на таписеријата имал своевидна опсесија што досега не е откриена.
Тој е речиси сигурен дека авторот е маж според повеќе докази.