Решението е пред очи: јавно-приватно партнерство меѓу државното претпријатие ЕСМ и македонските домаќинства за изградба на фотоволтажни централи. Овој модел не е само енергетски туку и општествено-економски проект. Граѓаните директно би вложувале во производството на електрична енергија, државата би го намалила товарот од увоз, а националните обврски за зголемување на уделот на обновливи извори би се исполнувале побрзо
Општествено-економски проект како можност за обезбедување енергетски суверенитет
Додека граѓаните на Македонија чуваат над шест милијарди евра во банките, државата сè уште не нуди механизам како тие средства да се мобилизираат за доброто на сите. Истовремено, секоја година се трошат милиони евра за увоз на електрична енергија. Решението е пред очи: јавно-приватно партнерство меѓу државното претпријатие ЕСМ и македонските домаќинства за изградба на фотоволтажни централи.
Овој модел не е само енергетски туку и општествено-економски проект. Граѓаните директно би вложувале во производството на електрична енергија, државата би го намалила товарот од увоз, а националните обврски за зголемување на уделот на обновливи извори би се исполнувале побрзо.
Дали со предлог-закон за користење енергија од обновливи извори ќе се поттикне поголемо вклучување на средствата на граѓаните во енергетскиот сектор?
Зошто да чекаме, кога имаме сонце и пари?
Граѓаните имаат милијарди евра на штедни книшки што стојат неактивни. Државата е принудена да увезува големи количества електрична енергија секоја година, особено во зимскиот период. Со моделот на 50-50 инвестиција меѓу ЕСМ и домаќинствата може да се создаде победнички модел за реализација на зелената транзиција на општеството.
Ова е модел во кој ЕСМ и 1.000 домаќинства учествуваат со 50-50 во финансирање на сончеви електроцентрали (да земеме како пример) со вкупен капацитет од 10 мегавати (MW). Секое домаќинство инвестира во сопствен фотонапонски систем на покривот од 10 киловати (kW), додека ЕСМ обезбедува кофинансирање, организација и откуп на енергија.
Ваквата инвестиција, проценета на околу 6,5 милиони евра, би обезбедила годишно производство од најмалку 10.000 мегават-часа (MWh) електрична енергија – количество што денес се покрива со увоз. Тоа значи дека со исти средства државата добива двојно намалување на увозот, бидејќи граѓаните носат половина од товарот, а централите се градат на веќе постојни покриви без дополнителни инфраструктурни трошоци.
Што се добива ако ЕСМ се здружи со домаќинствата наместо да финансира
сопствена централа, на пример, со вкупна моќност од 10 мегавати?
За државата и ЕСМ моделот носи повеќекратни придобивки. Најпрво, инвестицијата се намалува за 50 отсто, бидејќи половина средства доаѓаат од граѓаните. Понатаму, вкупно произведената енергија е придонес во исполнување на обврската Македонија до 2030 година да достигне 66 отсто од бруто-производството на електрична енергија од обновливи извори. Се обезбедуваат услови за стекнување гаранции на потекло на електричната енергија, кои ќе ги користат домашните компании при извозот на своите производи.
ЕСМ, од своја страна, добива 50 отсто од произведената енергија бесплатно, а остатокот од произведената енергија го откупува по цена од 38 евра за мегават-час (е/мвч). Потоа го испорачува/препродава на универзалниот снабдувач по 63 евра за мегават-час. Со тоа не само што се намалува увозот туку се создава и финансиска предност за ЕСМ, нема потреба од нови земјишта, подготовка на терен за поставување колектори ниту дополнително оптоварување на преносната мрежа. Произведената енергија се предава на нисконапонската дистрибутивна мрежа. Се обезбедува дистрибуирано производство на енергија.
Шанса за 1.000 домаќинства – со вложување до 3.500 евра!
За граѓаните ова е можност да станат просјумери – истовремено потрошувачи и производители. Секое домаќинство со вложување до 3.500 евра може да инсталира 10-киловатска централа на сопствениот покрив. Енергијата што ја користи за свои потреби е бесплатна, а вишокот го предава на ЕСМ, половина бесплатно, а половина по 38 е/мвч (според сегашните услови дефинирани во Правилникот за обновливи извори на енергија при однос купена/продадена енергија 40/60 отсто).
Ако се земе предвид цената на електричната енергија за домаќинствата (151 е/мвч со сите давачки за втора категорија потрошувачи), тогаш директната заштеда е повеќекратно поголема од приходот од продажба на вишокот. Најважно е што периодот на поврат на инвестицијата е само 5,3 години, што е многу кус период за вакви проекти. Особено ако се спореди со инвестирање без субвенции од државата. По периодот на амортизација – чиста добивка со минимални трошоци за одржување.
Која е причината за слабиот интерес на граѓаните?
Учеството на просјумерите во енергетскиот биланс на Македонија е занемарливо. До средината на 2024 година, бројот на просјумери домаќинства е нешто над 620, со инсталиран капацитет од 3.500 киловати. Сосема е поинаква сликата во другите земји.
Во Полска над 1,5 милион просјумери или т.н. „активни корисници“ учествуваат со 80 отсто од вкупно инсталираниот капацитет од над 17.000.000 киловати. Седумдесет и пет отсто од овој капацитет му припаѓа на резиденцијалниот сектор, кој во 2024 година испорачал 5 отсто од вкупната потреба за електрична енергија. Во Унгарија има 200.000-250.000 просјумери домаќинства со инсталиран капацитет од околу 3.500.000 киловати.
Зoшто нема зголемен интерес за поставување сончеви колектори?
– Дали државата треба да пристапи кон посериозно субвенционирање?
– Дали инвестицијата не е економски исплатлива при ограничување на капацитетот?
– Дали е оправдано да се дозволи поставување постројки без ограничување на капацитетот?
– Дали треба да се освежи начинот на мерење и меѓусебната пресметка меѓу ЕВН хоум/трговци со електрична енергија и овие потрошувачи производители?
Здружено, овие фактори го смалија интересот за инвестирање. Секој потенцијален инвеститор правел сопствена техно-економска анализа пред да инвестира. Народот убаво рекол: Три пати мери – еднаш сечи (инвестирај).
Досегашното ограничување на дозволениот капацитет од само шест киловати, претставува многу голема пречка. Со новиот предлог-закон за користење енергија од обновливи извори, секое домаќинство, за да стекне право да биде просјумер, ќе смее да инвестира во „мал енергетски објект“ со инсталирана моќност помала или еднаква на 10,8 киловати. Зошто токму 10,8, а не 10 или 11 е прашање на денот!
Економската реалност на колекторите „лимитирани на 10,8 киловати“
Техничката реалност, сепак, е посложена. Колекторите со номинална моќност од 10 киловати, според лабораториските СТЦ-тестови, реално произведуваат околу 7,5 киловати според условите на НOЦТ-тестови. Тоа значи дека домаќинството плаќа за 10 киловати, а добива околу 25 отсто помал капацитет.
Производството е концентрирано во неколку часа дневно – најмногу летно време, трипати помалку во зима. Дополнителен проблем е што енергијата се распределува рамномерно по три фази, а просечно домаќинство ретко троши повеќе од еден киловат по фаза во даден момент. Што значи тоа: во утринските часови ако сакате да загреете вода за чај или кафе, а електричниот бокал е со моќност од 1,6 киловат, нема да можете. Ќе треба да се вклучи и дистрибуцијата, затоа што енергијата од сонцето е недоволна. Така, многу од произведената енергија не се искористува директно, туку мора да се предаде на мрежата. На следниот дијаграм (заради визуелно претставување) графички е прикажано колкаво е производството по секоја фаза од постројка со 10 киловати моќност за летен и зимски ден.
За да биде појасно колку енергија и во кој временски период може да се добие од купениот систем од 10 киловати, во следната табела се прикажани податоци за еден ден во јануари и јули, и тоа вкупно за три фази, но и поединечно за секоја фаза. За потрошувачите, меродавно е колку енергија има на секоја фаза. Нема преливање енергија од една во друга фаза.
Според анализите, само 20–25 отсто од произведената енергија може да се искористи за сопствени потреби, додека 75–80 отсто му се предаваат на дистрибутерот. При сегашните услови тоа ја намалува економската исплатливост, бидејќи цената на предадената енергија е значително пониска од цената на набавената. Економска исплатливост со враќање на инвестицијата во разумен рок би имале просјумерите што ја надминуваат или се на горната граница на втората тарифна категорија со дневната потрошувачка на електрична енергија.
Потребите на домаќинствата наспроти инфраструктурата
Клучниот проблем е ограничувањето во новиот закон – максимална моќност за инсталирање од 10,8 киловати по домаќинство. Овој лимит е вештачки и не се поклопува со реалните технички потреби на домаќинствата. А тие редовно ќе се зголемуваат. Еден од проблемите е капацитетот на врската меѓу потрошувачот и дистрибутерот, кој е дефиниран со добиената енергетска согласност за инсталирана моќност. Со ова е дефинирана максималната моќ што домаќинството може да ја преземе/врати во мрежата.
Вториот поголем проблем е инфраструктурата на дистрибутерот на електрична енергија. Таа е со недоволен капацитет да прифати едновремен голем прилив на енергија. Колку што ми е познато, при доделување енергетска согласност на потенцијален корисник, дистрибутерот проверува дали мрежата има доволен капацитет при фактор на едновременост 0,7 или 0,75. Со други зборови, треба да се приспособи/зголеми капацитетот на дистрибутерот (ЕВН) или да се ограничи количеството енергија што се предава во мрежата.
Има ли компромисно решение?
Треба да се овозможи граѓаните, домаќинствата, да ги задоволуваат своите потреби на најефикасен и најекономичен начин. Тоа значи дека треба да се дозволи поставување поголем капацитет од предложените 10,8 киловати. За да го зголеми капацитетот на својата инфраструктура, на ЕВН, покрај пари, му треба и време.
Државата може да го обврзе ЕВН да инвестира преку „обврзувачката шема за енергетска ефикасност и алтернативни мерки“ (член 14 од Законот за енергетска ефикасност). Втората можност е средствата преку обврзувачката шема, ЕВН да ги инвестира кај просјумерите, финансирајќи 50 отсто за купување батерии. На таков начин, ќе се пеглаат врвовите на максималното производство на енергија и ќе се намали оптоварувањето на дистрибутивната мрежа.
Решението што ги задоволува и потребите на просјумерите и капацитетот на дистрибутерот дефинирано со предлог-законот за користење енергија од обновливи извори е следново:
– Секое домаќинство има право на својот покрив да инсталира колектори без ограничување на капацитетот, усогласено со сопствените енергетски потреби.
– Државата може да учествува со свои стимулативни мерки или ЈПП за капацитет дефиниран со предлог-законот (10,8 киловати или некоја друга цифра што ќе биде усвоена).
– Просјумерот смее да испорачува електрична енергија со максимална моќ дефиниранa со предлог-законот.
Во предлог-законот единствено се менува ограничувањето: наместо ограничен капацитет за инсталирање, се ограничува капацитетот на испорака на енергија во мрежата.
Преку секој инвертер контролирано може да се ограничи испораката на електрична енергија, со што се обезбедува дистрибутивниот систем од преоптоварување. Се отстранува основната причина за ограничување на капацитетот на сончевите централи кај домаќинствата.
Заклучоци
За Македонија да ги искористи своите потенцијали, потребни се три клучни чекори:
1. Воведување јавно-приватно партнерство меѓу ЕСМ и граѓаните, каде што инвестицијата се дели 50-50.
2. Укинување на ограничувањето од 10,8 киловати и дозволување инсталација според потребите и можностите.
3. Поттик за интегрирани решенија – батерии и топлински пумпи – со што ќе се зголеми домашното користење на енергијата и ќе се подобри економската исплатливост.
Таквиот модел значи заедничка добивка: помал увоз, поголемо учество на обновливи извори, пократок период на поврат на инвестициите и вистинска енергетска независност на македонските домаќинства.
Со други зборови: ЕСМ + домаќинствата = заедничка добивка.
професор Константин Димитров
