Весли Со / Фото: ЕПА

По овој турнир, пласман во финалето на Големата шаховска турнеја во Сао Паоло обезбедија Вашер-Леграв, Каруана, Аронијан и Рамешбабу

ШАХ

Американецот Весли Со (2.745 рејтинг-поени) го освои „Купот Синкфилд“ (САД) за 2025 година, победувајќи ги Американецот Фабијано Каруана (2.784) и Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.779), во драматичен дополнителен плејоф во брз шах (пет минути плус две секунди за секој потег по играч). Со, кој е роден на Филипините, на тој начин го повтори успехот од 2016 година. „Купот Синкфилд“ е последниот класичен турнир и последна етапа од Големата шаховска турнеја за 2025 (награден фонд 350.000 долари), кој се одржа во „Шаховската сала на славните“. Турнирот беше жесток, а тројца играчи на крајот имаа по пет поени од девет кола на врвот.
Каруана рано го презеде водството откако постигна две победи во низа над бранителот на титулата, Французинот Алиреза Фирузја (2.766), и Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.771). Рамешбабу, кој започна со брилијантна победа во првото коло над светскиот првак, Индиецот Домарају Гукеш (2.776), го стигна лидерот во седмото коло, откако го победи Фирузја. Тоа коло беше пресвртница за Со, кој конечно ја прекина серијата од шест ремија во низа, совладувајќи го Гукеш и се приклучи во трката за првото место.

На чело пред финалното коло, Каруана и Рамешбабу водеа со по пет поени од осум кола, а веднаш зад нив беа Американецот Левон Аронијан (2.737) и Со, кои имаа по 4,5 поени. Прво, Французиот Максим Вашер-Леграв (2.766) брзо ремизираше со Полјакот Јан Криштоф-Дуда (2.725), обезбедувајќи го првото место во генералниот пласман пред финалето на Големата шаховска турнеја. Потоа, Аронијан го подели поенот со Рамешбабу, што им гарантираше на двајцата место во финалето на Големата шаховска турнеја. Ремито на Каруана со Гукеш му даде шанса на Со, кој со победата над Абдусаторов се приклучи на врвот.
Потоа следуваше плејоф во брз шах во три партии за да се одреди шампионот. Во првата партија, Рамешбабу го победи Каруана. Во втората партија, Со ја разби одбраната на Рамешбабу и му беше потребно само реми против Каруана за да ја освои титулата и тој го постигна тоа. И покрај неговиот триумф во „Купот Синкфилд“, сепак Со за само половина поен го избегна пласманот во финалето на Големата шаховска турнеја. А финалето, во кое ќе настапат Вашер-Леграв, Каруана, Аронијан и Рамешбабу, ќе се одржи од 28 септември до 3 октомври годинава во Сао Паоло, Бразил. Г.И.