Фото: „Нова Македонија“

На планетарниот шампионат во Египет за ракометари до 19 години имаше рекордна посетеност, најмногу голови досега, возбудливо финале со многу пресврти, кое по 80 минути игра беше решено на пенали и по кое Германија влезе во одбран клуб на репрезентации со тројна круна

РАКОМЕТ

Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години во Египет донесе рекорди, фантастични натпревари и едно од најдобрите финалиња досега на еден глобален ракометен водечки настан, при што Германија ја освои титулата, по драматична победа со 41-40 на дуелот со Шпанија, по изведувањето пенали, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), која издвои неколку заклучоци по Мундијалот, натпреварување што покажа дека иднината на ракометот е во сигурни раце.
– Рекордна посетеност. Историски момент се одвиваше на СП 2025 во Каиро, кога рекордни 22.150 гледачи ги исполнија трибините за четврт-финалето Египет – Шпанија, во кое победи Шпанија со 31-29, по пресврт во последните 12 минути од натпреварот. Ова извонредно достигнување ги нагласува и растечката привлечност на младинскиот ракомет и единствената способност на Египет да мобилизира страсна поддршка за спортот. Никогаш порано во историјата на натпреварувањето еден младински ракометен натпревар не привлекол толку многу гледачи, што е доказ не само за квалитетот на организацијата на настанот туку и за силната ракометна култура што се разви во Египет во претходните години, пишува Интернационалната ракометна федерација на својата интернет-страница. За играчите, особено за младите таленти, натпреварувањето пред толку голема публика обезбеди незаборавно искуство што го одразува потенцијалот на спортот за жива атмосфера дури и надвор од сениорските натпреварувања. На годинашното Светско првенство за ракометари до 19 години имаше седум натпревари на кои имаше повеќе од 3.000 гледачи, рекорд за едно СП за млади ракометари, што докажува колку е популарен ракометот низ целиот свет и како еден настан може да ја поттикне поддршката од гледачите, пишува ИХФ.
– Рекорден број голови. Единственото издание кога просечниот број постигнати голови беше над 60 на младински светски шампионати беше во Бахреин, во 2007 година, кога 16-те репрезентации заедно постигнаа 3.006 гола, што е просек од 60,1 погодоци по натпревар. Во претходните две изданија, во 2019 и во 2023 година, просечниот број постигнати голови по меч беше 55,7 и 57,5. Еволуцијата на ракометот и неговото претворање во спорт со побрзо темпо беа прикажани на СП 2025, каде што 32-те селекции заедно постигнаа 7.264 погодока, или во просек 62,6 гола по натпревар, пишува ИХФ. Натпревар со најмногу постигнати голови беше финалето меѓу Шпанија и Германија. Вкупно, имаше 21 меч со најмалку 70 гола, приближно една петтина од сите натпревари на СП 2025.

– Финале за сите времиња. Финалето меѓу Шпанија и Германија беше прво во историјата на водечко машко глобално ракометно натпреварување за сениори, јуниори и за младинци, каде што репрезентациите беа разделени на пенали, по 80 драматични минути, каде што и Шпанија и Германија имаа шанса да победат. Водството се смени двапати во последните 10 минути во регуларното време, но мечот заврши со реми, 26-26, по 60 минути игра. Германија поведе со два гола по 64 минути, но по првото продолжение, резултатот повторно беше израмнет, 31-31. И по 68 минути, Шпанија се чинеше дека ја има светската титула, водејќи со 36-33, но Германија го израмни резултатот и го одведе натпреварот во пенали, каде што победи со 41-40, промашувајќи само два од своите седум удари, пишува ИХФ. Публиката беше ангажирана на своите места и иако ова беше натпревар само за селекции до 19 години, сигурно ги доловуваше суштината и непредвидливоста што ракометот може да ги донесе на теренот во која било фаза, во секој натпревар, пишува Интернационалната ракометна федерација.
– Германија влезе во одбран клуб. Само три репрезентации во историјата ја комплетирале тројната круна, со титули во сениорска, јуниорска (до 21 година) и во младинска конкуренција (до 19 години) на светски првенства за мажи, пишува ИХФ. Франција беше прва, во 2015 година, обезбедувајќи ги и јуниорската и младинската светска титула. Данска продолжи во 2019 година, кога го освои златниот медал на Светското првенство за сениори, а потоа Шпанија го комплетира во 2023 година, освојувајќи го трофејот на Мундијалот за младинци. Сега, четвртата репрезентација му се придружи на овој престижен клуб, Германија. Откако веќе по двапати ги освои сениорската и јуниорската титула, таа ја комплетира тројната круна на младинското СП 2025, откако ја пропушти својата прва шанса во 2019 година, кога загуби во финалето од Египет, со 28-32, пишува Интернационалната ракометна федерација. Тоа беше триумф за селекција што не блескаше нужно на теренот, туку го следеше рецептот „прво тимот, индивидуалното второ“, што совршено се покажа и за Данска на јуниорското СП 2025. Најдобриот стрелец на Германија, Јан Гринер, беше само 21. на табелата со најдобри стрелци, со 44 гола. Тие беа 15-ти на листата на стрелци, според просекот од 31,8 постигнат гол по натпревар, а подобрувањето дојде дури откако постигнаа 41 погодок на средбата со Шпанија во финалето на СП. Но во одбраната беа силни и генерално го имаа најдобриот голман Фин Кнак, кој одбрани 35,2 отсто од ударите што ги имаа упатено ривалите (75 од 213).

– Словенија можеби беше на 13-то место на СП 2025, но имаше двајца високоталентирани играчи, кои се искачија на врвот на табелата за најдобри голгетери. Алјуш Анжич и Мај Маргуч заедно постигнаа 132 на СП 2025, повеќе од половина од 253-те гола на таа селекција, завршувајќи на првото и на второто место на табелата со најдобри голгетери на шампионатот. Анжич, кој има 17 години и ќе има право да игра на следното младинско СП и на следните два јуниорски мундијали, веќе блесна на планетарното првенство за јуниори годинава, што се играше во Полска, каде што беше трет најдобар стрелец, со 60 гола. Сега, тој беше избран во олстар-тимот како најдобар лев бек и беше најдобар стрелец на натпреварувањето, и покрај тоа што одигра само седум натпревари, постигнувајќи 67 гола, два повеќе од неговиот соиграч Маргуч. Анжич постигна 23 погодока на натпреварот со Норвешка, што е рекорд за едно младинско СП и имаше просек од 9,5 погодока по натпревар, втор најдобар резултат во натпреварувањето, по норвешкиот Ветле Мелемстранд Боре, пишува Интернационалната ракометна федерација. Н.М.