Жежок планетарен хаос

Лето без жешки теми? Ајде да се обидеме да останеме на тоа ниво на кое ведрината ќе владее со нашата ментална структура. Често се говори дека насмевките се најскапоценото нешто што го прави животот поднослив. Ама пред тоа, да спомнеме и за настани што креваат адреналин бидејќи во ова денешно време без него сме како осакатени. Би се рекло, навика на секојдневието. Од друга страна, пак, под четириесеттиот напоредник до екваторот, гори сѐ. Овде само Украина северно од Лавов е исклучок. Толку се намножија пожари што е вистински феномен. Гасат „канадери“, хеликоптерски единици, армија, полиција, политичките дијалози и, секако, најповиканите и најстручни за тоа, пожарникарите, на кои од година на година им расте бројот. Реципроцитет со пожарите. Горат илјадници хектари четинари, дабови и букови шуми, нискостеблести растенија и домови. Гаснат само човечки животи во разгорени воени судири околу и под тој фамозен напоредник.
Над нашето и над поголемиот дел од европското небо, спокој. Царува надградба. Музички фестивали, културно-уметнички манифестации, спортски и модни средби, амбиент што му доликува на едно топло долго лето. Оваа магија може да биде разбиена само со издадено предупредување за огнена стихија, земјотрес или повремена напнатост од политичките игри во соседството и во светот.
Шеесет и петто „Охридско лето“. Исклучително свечен амбиент за време на отворањето. Под волшебната палка на Едвин Аутвотер, диригент-шеф на Музичкиот конзерваториум од Сан Франциско, американската пијанистка Клер Хуангчи поддржана од музичарите на Македонската филхармонија ги изведе симфониските танци од „Приказната од западната страна“ на Л. Бернштајн, Гершвиновата „Рапсодија во сино“ и, на големо задоволство на публиката, нашето „Пајдушко“ на Д. Имери. Театарската претстава „12“ на Синиша Ефтимов, која ги собори сите познати рекорди на нашата театарска сцена, а инспирирана од сценариото на Реџиналд Роуз и со елитната екипа актери од Јолевски преку Ристановски, па сѐ до Коцев, беше еден од бисерните мигови на фестивалот „Охридско лето“. „Дванаесетте гневни“ на Сидни Лумет, инспирацијата за оваа претстава пред која не остана рамнодушен ниту славниот Никита Михалков (Белград, пролет 2025), во далечната 1957 година не освои „оскар“ ниту имаше загрижени фанови. Освен тоа, не беше ниту миленик на критиката. Но некои авторитети, филмот со Хенри Фонда и Ли Џ. Коб, го наредија меѓу петте најдобри остварувања на сите времиња. Пред носот, „оскарите“ и другите филмски награди ги собра воената сторија на Дејвид Лин „Мостот на реката Квај“. Сепак, наградата стигна во форма на „златна мечка“ на „Берлинскиот филмски фестивал“. За тие години и за расниот амбиент во САД, смела приказна за разумот и предрасудите. Замислете си, ниту еднаш во филмот не е спомнато расното потекло на убиецот, туку тоа само се подразбира.

По многубројните музички и други уметнички настапи, „Охридско лето“ се повлекува со претставата „Приказната за Електра“ на тандемот Димоски-Пројковски во сопствената исклучително богата уметничка архива. Повторно ќе воскресне идната година. Дотогаш, уметничкиот живот ќе ги помни големите случувања во амфитеатарот, „Света Софија“, Долни сарај, Домот на културата. Оваа надградба понуди величествени мигови на опуштеност и збогатување на духот.
Е, сега, не постои сезона или одмор за оние што ја спроведуваат светската политика и ја креираат животната циклика на цивилизацијата. Огромната енергија со која располагаат, некогаш дрско и грубо, а најчесто прикриено и суптилно, им ја наметнуваат на простосмртните не оставајќи ги рамнодушни на збиднувањата што подгреваат, ветуваат и се дозирани за јавноста. Водени од чувството и позицијата земни богови, тие ја користат за свои цели и за целите на државите што ги водат. Тоа е стратегиски натпревар. И сето тоа на сметка на малите и беспомошните. Водени од таа привилегија на надмоќ над другите од родот, демонстрираат состојба на контролиран хаос, кој ги возвишува до пиедесталот и врвот на општествено-политичката пирамида. Потоа следува спектакуларен дил (договор) меѓу миротворците, од кои претпоставено започнува сѐ. Притоа, за да не биде сѐ толку едноставно и лесно се користат голем број дипломатски можности и решенија, понекогаш државнички сенс и харизма, но неретко сила или принуда. Како и да е, вака со векови. Од оваа цивилизација, можеби толку. Добро е што никогаш не се преминуваат границите, кои можат да доведат до состојба на самоуништување. Сепак, колатералната пакост е помала главоболка иако ја плаќаме со голем број загубени животи, горки судбини, морничави сеќавања на трагедиите на обесправените и настраданите. Човекот е бројка или не дај боже, бофл-стока? Сега е време кога фанфарите громко ги најавуваат вештачката интелигенција и нејзината семожност. Природната интелигенција во овој случај како да се плаши од соперништво. Но ад хок решенијата со текот на времето се како бумеранг. Можеби и треба да стравуваме оти сите во основа напредни изуми и решенија, најмногу ги апсорбира воената индустрија. Се чини дека нејзините можности и потреби се бесконечни. Наместо да издивнува со текот на еволутивниот пат на човекот и неговиот ментален состав, таа станува сѐ поагресивна.

Еве една од тазе приказните што ја потврдуваат тезата. Си биле бојар, шериф и други. Шерифот и бојарот на средба на врвот покажале целосно разбирање за заемните недоразбирања. Притоа веројатно е допрена и најдалечната точка од планетата. На самитот, пак, меѓу шерифот и другите, се покажа каде му е местото на секој од учесниците. Од прикрај, внимателно набљудува мандарин со вековните мудрости и советите на Конфуциј и Лао Це. Заинтересиран е за оваа разврска. Поучен од бурното минато, го мери секој свој чекор и мудро расудува. Крајот сѐ уште не и се знае.
Се верува дека политиката постои токму за да не повредува, освен ако не се минати сите граници на однесување како што е последната изјава на Макрон. Тој за бојарот, односно за Путин, вели дека е предатор што ждере сѐ што ќе му се најде на патот и дека не е време за опуштање. Не знам на која оддалеченост на заедничкиот стол бојарот би го сместил по она што му беше понудено за време на ковидот? Е, пусти манири! А замислете си дека за време на Петар Велики, па сѐ до Романови, на рускиот двор се говорел францускиот, а и другите европски јазици.
Ред е да се извлече каква-таква поука, која вели дека не треба да се предизвикува гневот на големите риби, кои обожаваат да го контролираат планетарниот хаос. Добро би било кога тие би започнале со промена на сопствената човечка кројка. Од идеологиите, одамна се откажаа. Само во тој случај можеме да се надеваме на вистинска цивилизација. Тогаш таа би си ја оправдала својата вредност олицетворена со сплотен општествен и духовен развој. Како и да е, малите никогаш не смеат да ја заборават старата добра африканска порака во која се вели дека кога слоновите танцуваат, страда тревата. Се разбира, освен ако тие внимаваат добро каде газат.
Љубомир Јованоски

Авторот е писател