Фото: МакеДокс

Високо кренати главици кромид во рацете на екипата и волонтерите е традиционалниот поздрав до публиката на отворањето на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Годинава фестивалот беше отворен на 21 август во Куршумли ан.

На отворањето на 16-тото издание на „МакеДокс“ во името на екипата се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков, кои прво упатија благодарност до публиката што беше присутна во Куршумли ан на отворањето на „МакеДокс“ под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“

– Во овие осум дена, на пет различни локации, ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три денови со документарнaта индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни – истакна Сара Ферро.

– Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – додаде Дарко Набаков.

Двајцата изразија особена благодарност до две иницијативи што одлучија да берат гајле за сите нас, а не само за себе. Најпрвин, SupportKochani, за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.

На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.