Стравот е одлика на едно живеење. Страв од сѐ и сешто, особено од иднината и судбината. И тој страв не се однесува на страв од болест, од смрт, туку од она што се случува или ќе се случува во светот и во сопствената земја. Таквите стравови се засилени по војната на тлото на Европа што уште трае, па дури и големите европски земји ги плашат своите граѓани со можноста од трета светска војна
Постојат шест универзални емоции. Тие се радост, жалост, страв, лутење, гадење и изненадување. Универзално е она што се однесува насекаде во светот, а универзалните емоции ги доживуваат сите луѓе, од најмали до најголеми, на кој било меридијан на Земјината топка, независно од полот, расата, верата, бојата на кожата или местото на живеење. Од тие шест емоции произлегуваат преостанатите, како што се љубовта, љубомората, срамот и срамежливоста, надежта и други што се комбинации од повеќе емоции.
Стравот е една од посилните емоции на човекот. Меѓу големиот број стравови што го следат е стравот предизвикуван од политичко-партиска одмазда. Секогаш и насекаде кога има избори, стравот меѓу луѓето достигнува високи размери од самата помисла што може да се случи и што ќе се случува понатаму. Тој страв не е од физичка природа или од физичка повреда, колку што е емоционален, психички и душевен, што ги опфаќа и свеста и телото. Ден и ноќ, наутро и пред спиење, на гладно и на наситено. Него најмногу го чувствуваат бригадите вработени во државната администрација и државните институции, луѓе уплашени за своето живеење: за работните места, за службениот, професионалниот и социјалниот статус.
Денес, во модерно време, полно со изненадувања, динамика и пресврти, за да се почувствува стравот, не се нужни војни, оружена агресија и судири, тенкови, борни коли или, пак, како во соседството, водени топови на плоштади, војска и полиција на секој агол. Сѐ се одвива, се инсталира, преку осмислени и добро подготвени техничко-пропагандни детали и психолошко-социолошки трикови. Ако стравот не се втерува со демонстрација на сила, иако таа сѐ уште е во масовна употреба од поединци и институции, тогаш тоа се прави преку перфидни закани, методи или акции, често навидум спонтани и претставени како постапки од општа корист. И тоа може да го генерираат различни центри на моќ: однадвор, одвнатре, одлево, оддесно, одгоре или оддолу… дури и од „подземјето“.
А за да се рашири стравот, да земе дури и национални димензии, понекогаш е доволен само еден настан, појава, говор, еден политички потег, еден истакнат бајрак или некој симбол, да се подигне еден крст или едно минаре, еден неосновано обвинет или невин затворен, само еден пуштен глас, едно кратко интервју. Или, обратно: да се држи магла од долг молк без никаков одговор од официјално место. А такви примери во Македонија може да се наведуваат во недоглед, од независноста до денес.
Методот на ширење на феноменот наречен страв е – функционален метод.
Овде кај нас се надоврзува и сознанието дека Балканот, со настаните во Србија и во Босна, сѐ уште е неугаснато буре барут. Да не говориме за стравовите пред кои е исправена Македонија по крајно неповолните договори со Грција и со Бугарија и по несфатливото однесување и абнормалните барања на органите на Европската Унија кон македонските тежненија за членство во Унијата
Се пренесува од уста на уста, од уво на уво, од медиум до медиум… Проектите за втерување страв кај народот од осамостојувањето кај нас како да станаа посакуван општествен модел, корисна општествена дејност, партиска света обврска. Не е непознато дека колективниот страв се злоупотребува како гарант на политичкиот систем, на безбедноста и легитимитетот, но секаде се покажува дека не може да претставува обединувачка сила во општеството. Страв лозје чува, но очигледно друго не можело да зачува.
Стравот е одлика на едно живеење. Страв од сѐ и сешто, особено од иднината и судбината. И тој страв не се однесува на страв од болест, од смрт, туку од она што се случува или ќе се случува во светот и во сопствената земја. Таквите стравови се засилени по војната на тлото на Европа што уште трае, па дури и големите европски земји ги плашат своите граѓани со можноста од трета светска војна.
Овде кај нас се надоврзува и сознанието дека Балканот, со настаните во Србија и во Босна, сѐ уште е неугаснато буре барут. Да не говориме за стравовите пред кои е исправена Македонија по крајно неповолните договори со Грција и со Бугарија и по несфатливото однесување и абнормалните барања на органите на Европската Унија кон македонските тежненија за членство во Унијата.
Познато е дека очите на (во) стравот се многу големи, не само ноќе. Наметнувањето страв како политичкa алатка е карактеристика за општества што немаат демократија, оние што одат по патот на демократијата или оние што имаат достигнато до степен на половична демократија, каква што е македонската, на пример. Стравот, особено во предизборни и изборни периоди, се засејува како пролетна седиба од која дури подоцна се гледа што ќе се пожнее.
Самите изборни кампањи всушност се отворен, груб и суров натпревар меѓу ветувањата и заплашувањата. Еден партиски кампус деновиве предничи во тоа. Тие наводно сега се „зелени“, ама очигледно зелената боја им е остаток од некогашната униформа што милуваа да ја носат. „Не постои надеж што не е помешана со страв и страв што не е помешана со надеж“, рекол некој филозоф. Некој друг рекол дека стравот ја јаде душата на демократијата. Ама заборавил да каже дека стравот многу повеќе ја јаде душата на човекот, без разлика од каде и од кого тој страв доаѓа. Како што е кажано и друго: „Кој сее страв, тој самиот повеќе се плаши“.