По дестти пат се врши археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп. Целта на мултидисциплинaрното истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда. Овој неолитски објект импресионира со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит, во коај се присутни неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.. – велат од Центарот за истражување на предисторијата. Ка.М.