
Напоредно со дилемите за развивање на моделите за ефектуирање на стратегиското партнерство со САД (и со Турција), во јавноста и експертските анализи сѐ повеќе се дискутира и прашањето како може Македонија да ја пронајде успешната формула за практикување на една оптимална комбинација на сопствена „македонска мултилатерала“, која ќе содржи контакти и соработка и со Русија, Кина, Индија итн., со примена на принципот на динамична развојно одржлива билатерала. Препознавањето на центрите на светската мултиполарност, која е во развој, дава несмалени можности и за воспоставување односи на мултилатерален план со регионални асоцијации на држави, како што се АСЕАН-групата на држави од Југоисточна Азија, Арапската лига на држави, БРИКС-групата и други… додека се чекаат трансформацијата на Европската Унија и активирањето на апсорпциската компонента во некоја блиска иднина
Самитот во Алјаска како поттик во град ењето нова мултиполарна архитектура
Сјајно е кога две големи сили се согласуваат добро, особено кога се во прашање нуклеарни сили. Ние сме број еден, а тие се број два во светот. Оваа изјава на американскиот претседател Доналд Трамп како дел од интервјуто што го даде за „Фокс њуз“ во саботата, еден ден по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, САД, покажува дека двајцата светски лидери се решени, секој од своја појдовна точка, да влеат нови импулси во натамошното обликување на новиот светски поредок. Трамп ја применува својата политичка девиза „Америка прво“, што значи, според него, „Америка број еден“ и на светски план. Но Путин поаѓа од својата геополитичка позиција, врз основа на која и преговараше во Енкориџ: дека САД се само еден од неколкуте главни полови на светската геополитичка моќ, покрај Русија и Кина.
Малите држави сѐ уште се бараат на мултиполарниот хоризонт
Според низа консултирани соговорници, универзитетски професори и политички аналитичари, „малите држави во Европа и светот, како што е Македонија, по средбата Трамп-Путин во периодот што следува, сѐ повеќе ќе се судираат со императивот да се определат: каква надворешна политика ќе осмислат и ќе водат, кон кој светски пол да се приклонат. Дали само да орбитираат како геополитички сателити во орбитата на САД, Русија, или Кина, или да се определат, колку ќе биде можно повеќе, и за своја мултилатерална надворешна политика – врски, партнерства и соработка и со други важни држави во светот во улога на регионални полови во светската мултиполарност, какви што се, или какви што ќе станат Турција, Индонезија, Бразил, Индија…“.
Напоредно со дилемите за развивањето на моделите за ефектуирање на стратегиското партнерство со САД (и со Турција), во експертските анализи сѐ повеќе инсистираат да се развива прашањето како може Македонија да ја пронајде успешната формула за практикување на една оптимална комбинација на сопствена „македонска мултилатерала“, која ќе содржи контакти и соработка и со Русија, Кина, Индија итн., со примена на принципот на динамична развојно одржлива билатерала.
Во овој контекст, соговорниците додаваат и дека „препознавањето на центрите на светската мултиполарност, која е во развој, дава несмалени можности и за воспоставување односи на мултилатерален план со регионални асоцијации на држави, како што се АСЕАН-групата на држави од Југоисточна Азија, Арапската лига на држави, БРИКС-групата и други… додека се чекаат трансформацијата на Европската Унија и активирањето на апсорпциската компонента во некоја блиска иднина
Неопходно е да бидеме наполно свесни за промените: Светот е навлезен во состојба на мултиполарност
Според Јуџин Чосовски, аналитичар од „Институтот Њулајнз за стратегија и политика“ од Вашингтон, решавањето на судирот меѓу Русија и Украина ќе го забрза создавањето на мултиполарниот свет. Овој експерт констатираше уште во април 2022 година дека со започнувањето на воените дејства на Русија во Украина започна и судирот меѓу Русија и „колективниот“ Запад, предводен од САД и Англија.
– Оружјето што ѝ го даваат САД, Англија и други држави на Украина, како и економските санкции против Русија, укажуваат дека е започнат тој глобален судир. Во светот се случуваат пошироки промени во архитектурата на глобалната моќ – заклучи Чосовски во својата колумна со наслов „Конфликтот Русија-Украина: забрзување на мултиполарниот свет“, објавена на интернет-страницата на Центарот за истражувања на „Ал џазира“ на 21 април 2022 година.
Д-р Каролине Ејкхоф, експерт за политички науки и меѓународни односи од Слободниот универзитет од Берлин и истражувач во фондацијата „Бергхоф“ од Германија, уште пред четири години се огласи со свои погледи дека светот веќе навлегол во состојбата на мултиполарност и оти постојат „кампови и надвор од големите сили“.
– Светот е веќе од поодамна навлезен во состојба на мултиполарност. Општествата и економиите сѐ повеќе се глобализираат и паралелно постојат различни центри за политичко донесување одлуки. Интересни групи и сојузи се формираат надвор од она што претходно се сметаше како кампови на „големите сили“. Покрај САД, своите активности ги зголемија и Европа, Кина, Русија – Турција. Алтернативни модели за мир, развој и глобален поредок се предлагаат од различни актери и движења веќе долго време. Во мултиполарниот свет многу земји, окарактеризирани како држави во развој, стануваат повидливи на светската маса како поттикнувачи и потписници на реформски иницијативи, преку инфраструктурни проекти во земјите партнери… – нагласи Каролине Ејкхоф во својата колумна со наслов „Трансформација на конфликтите во мултиполарниот свет“, објавена на интернет-страницата на фондацијата „Бергхоф“ на 6 мај 2021 година.
Пронаоѓање можност малите држави да се изборат за „свое место на светската маса“
Самитот Трамп-Путин е поттик во градењето на новата мултиполарна архитектура на глобалната моќ, но истовремено и можност малите држави да се изборат за свое место во неа, не дозволувајќи само да „чмаат“ во „камповите на големите сили“, туку и со иновативна и проактивна политика да започнат да стануваат повидливи на „светската маса“, наместо нивната судбина да се решава на меѓународни конференции од светски геополитички актери. Како што дискутираа и се договараа американскиот и рускиот претседател за Украина во Енкориџ.
Македонија во изминатите повеќе од сто години повеќепати беше не учесник, туку жртва и плен, за кој се грабаа на преговарачките маси и на меѓународните конференции големите сили и нејзините сегашни „добри соседи“ во своите настојувања да си ги задоволат „територијалните апетити“ и потребите за пополнување на „празните дупки“ во идентитетско-историските комплекси на некои, кои сега бараат „заедничка историја“, име и слично од македонскиот народ. Така произлегоа Букурешкиот договор во 1913 година, а во поново време и Охридскиот, Преспанскиот и „Бугарскиот договор… Затоа сега Македонија има потреба и шанса да стане многу повидлива на „светската маса“, откако Доналд Трамп и Владимир Путин пристапија уште поенергично кон преформатирањето на новиот светски поредок, не како досегашниот глобалистички, либерално асиметричен, туку во баланс, во еден постлиберален манир, каде што ќе биде извршена една заедничка, длабока ревизија на глобалистичката идеологија, дизајн и структури. Глобалниот Југ и малите земји очекуваат силен бенефит од новиот тренд на суверенистичкиот приод на мултиполарната архитектура.
Свето Тоевски