НОВА КНИГА НА ПИСАТЕЛКАТА ВИОЛЕТА НАУМОВСКА
Неодамна излезе од печат книгата „Дневна среде шума“ од македонската авторка за деца Виолета Наумовска. Ова е своевидно заокружување на едицијата „Шумски приказни“, која содржи пет дела.
Во оваа книга се собрани сите ликови од претходните: Зајчица Лапачковска, Патката Паца, Дарежливото Мече, Ежето и Мечето Чувар.
– Во книгата се опфатени сите ликови со нивните пораки, за дарежливоста, за себеприфаќањето, за работливоста, за другарството, за почитувањето на различностите, здружени во една, која гласи: Природата е нашиот заеднички дом. Така нашите шумски јунаци секој понеделник ја чистат шумата од отпадоци што луѓето ги оставаат во текот на викенд. И, секако, се грижат и за загубените предмети. И токму околу загубените предмети се развива дејство во кое се вклучуваат и децата од градот, кои има што да видат и да научат од нашите шумски јунаци и, секако, да им пренесат на своите сограѓани. Природата е нашиот заеднички дом, кон кој треба со почит и грижа да се однесуваме – ни рече авторката Наумовска.
Книгата завршува со интересна интерактивна страница, која треба да ги поттикне младите читатели да раскажуваат, да се потсетуваат на содржината, а и да раскажуваат свои приказни, користејќи ги понудените, инспиративни илустрации на илустраторот Александар Поповски.
Ф.Д.