Споменик на местото на загинување на Љупчо Сантов и на Раде Кратовче во селото Главовица/Фото: Кирил Симеоновски

Во прво време, Раде и Љупчо се наоѓале во селото Вранинци, каде што успеале да создадат партиски групи во повеќе села – Оризари, Вранинци, Речани, Пресека и Главовица. По обемните акции за собирање оружје, експлозиви, храна, облека и санитарен материјал, се создала поголема вооружена група од околу 20 луѓе подготвени за оружени акции, а Раде и Љупчо се упатиле во селото Главовица. По извршените претреси на партиските организации во Штип, Кочани и Делчево, бугарската полиција дознала за активностите на Раде Михајлов и Љупчо Сантов и набрзо организирала потера. Потерата најпрвин се упатила во селото Вранинци, каде што на 21 март дошло до судир со вооружената група на Крум Митков Вранински, кој бил убиен. По оружената престрелка, полицијата се упатила кон селото Главовица. На 23 март 1944, дознавајќи дека Раде и Љупчо се наоѓаат во трлото во Бошњачко Маало, тие го опколиле местото. На повикот да се предадат, Раде и Љупчо одговориле со истрели, со кои убиле и раниле неколку полицајци. Во престрелката, Љупчо Сантов бил смртно погоден во грб, а Раде Кратовче продолжил да дава отпор, но бил погоден од неколку куршуми и починал

Денес, 18 август, кога го одбележуваме Денот на македонската армија, да се присетиме на илјадниците знајни и незнајни македонски борци што ги положија своите животи за националното и политичкото битисување на македонскиот народ. Совршен пример за тоа се македонските херои Раде Кратовче и Љупчо Сантов, кои ги положија своите животи за слободата на македонскиот народ во екот на народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна.

Раде Кратовче

Раде Кратовче е роден како прво дете во семејството на Софија и Мијалче Михајлови во Кратово во 1911 година. Неговиот татко бил мошне образован човек, ученик во Солунската гимназија, а подоцна и учител во Чачак. Раде основно училиште завршил во родниот град, каде што го започнал и првиот клас во гимназија. Татко му Мијалче набрзо починал, па мајка му Софија била принудена да се премажи за Димитар. Од овој брак се родиле уште две машки деца, на кои им биле дадени имињата Кирил и Михајло. Поради тешкиот живот и големата сиромаштија, Раде морал да го напушти школувањето и започнал да го учи столарскиот занает. Во почетокот на 1930 година, Раде заминал на отслужување воен рок, а по неговото враќање заедно со своето семејство се доселил во Кочани во почетокот на 1931 година, каде што очувот Димитар се вработил во кочанската пошта како одржувач. Во Кочани, Раде работел како калфа кај кочанските столари, а подоцна отворил и своја столарска работилница.
Во 1934 година се оженил со Еленица, најмлада ќерка на Ангелина и Гицо Доневи. Во овој брак се родиле три ќерки: Евица, Ружа и Стефка. До 1937 година, Раде со своето семејство живеел во изнајмена куќа од Љубе Шумарот во кочанската населба Стришани, а потоа одлучил да се врати во Кратово и да работи како рудар во рудникот Добрево. По една година, повторно се вратил во Кочани, каде што отворил дуќан и му се вратил на столарскиот занает. Во дуќанот започнале да навраќаат богати трговци и занаетчии, но и монополски работници. Во него честопати навраќал и младиот студент по техника Љупчо Сантов, со кого во следните неколку години станал неразделен пријател.
Со бугарската фашистичка окупација на Македонија во Втората светска војна, кон крајот на април 1941 година, Раде активно учествувал во протестите против пристигнувањето на бугарската окупаторска војска. Во ноември истата година, заедно со поголема група напредни кочанци, тој станал член на подрачниот комитет на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во Кочани набрзо биле формирани две партиски ќелии, од кои со едната раководел Благоја Попов, а со другата Љупчо Сантов. Задачата на Раде била организирање на занаетчиската младина и собирање помош за народноослободителното движење. Сепак, револуционерната активност на оваа група не останала незабележана од страна на бугарската полиција. На 21 ноември 1942 година, Раде заедно со уште деветмина кочанци и петмина штипјани бил затворен. Обвинението против затворените било изготвено на 147 страници, но со пресуда бр. 29 на Скопскиот суд од 8 февруари 1943 година, тој бил ослободен поради недостиг од докази и покрај тешката полициска истрага.
По враќањето од затвор, на 19 мај 1943 година, со одлука на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, Раде и Љупчо Сантов заминале на планината Осогово за да го организираат тамошното население и да формираат вооружен партизански одред во Осоговието. Сопругата Еленица на тој период се сеќава со следните зборови: „По две недели од заминувањето добив писмо од Раде во кое пишуваше дека е добро, да ги чувам децата и да не мислам на него“
Во прво време, Раде и Љупчо се наоѓале во селото Вранинци, каде што успеале да создадат партиски групи во повеќе села – Оризари, Вранинци, Речани, Пресека и Главовица. По обемните акции за собирање оружје, експлозиви, храна, облека и санитарен материјал се создала поголема вооружена група од околу 20 луѓе подготвени за оружени акции, а Раде и Љупчо се упатиле во селото Главовица. По извршените претреси на партиските организации во Штип, Кочани и Делчево, бугарската полиција дознала за активностите на Раде Михајлов и Љупчо Сантов и набрзо организирала потера. Потерата најпрвин се упатила во селото Вранинци, каде што на 21 март дошло до судир со вооружената група на Крум Митков Вранински, кој бил убиен. По оружената престрелка, полицијата се упатила кон селото Главовица. На 23 март 1944, дознавајќи дека Раде и Љупчо се наоѓаат во трлото во Бошњачко Маало, тие го опколиле местото. На повикот да се предадат, Раде и Љупчо одговориле со истрели, со кои убиле и раниле неколку полицајци. Во престрелката, Љупчо Сантов бил смртно погоден во грб, а Раде Кратовче продолжил да дава отпор, но бил погоден од неколку куршуми и починал.
Во негова чест е именувано основно училиште во Кочани, а подигнат е и споменик на местото на загинување во селото Главовица.

Љупчо Сантов

Љупчо Сантов е роден на 17 март 1921 година, како прво дете во семејството на Надежда и Ефтим Сантови. Основно училиште завршува во родниот град, а продолжува во велешката гимназија. По завршувањето на гимназијата 1938/1939 со одличен успех, се запишува во Белград на Електротехничкиот факултет, со другарот од гимназија Цветко Челак. Таму се поврзува со велешките работници, блиски со студентите, и влегува во илегалното револуционерно движење.
Учествува во декемвриската демонстрација во 1940 година и во мартовските демонстрации во 1941 година, а првото апсење го доживува во 1940 година. Бил распореден во групата истакнати комунисти и организатори на демонстрациите. Затоа е ѕверски мачен, но неговата цврста волја на вистински комунист совладува сѐ. Кога во декември 1940 година дошла вест дека е уапсен во Главњача, најголемо мачилиште на комунистите во Југославија, неговите го испраќаат во Белград чичко му Киро Ефремов, угледен и близок со бившите пратеници од Кочани, Воја Ѓорѓевиќ и Мито Димитриевиќ.
Во април 1940 година се враќа во Кочани, каде што го затекнува војната. Летото 1941 година никнуваат првите партиски групи, а есента се создава партиско раководството, во кое влегуваат Љупчо, Благој Попов, Бота Трендова, а подоцна и други. Во 1941 година се запишува на Природноматематичкиот факултет во Софија. На преден план секогаш му се партијата и борбата против окупаторот. Наскоро се враќа во Кочани, по налог на партијата. Во 1942 година во партиската организација се постигнати многу добри резултати, но активноста е прекината со неочекуваната провала по апсењето на Киро Бихаќ, дојден од Штип. Потоа се уапсени Љупчо, Благој, Бота и други комунисти. На судењето 1943 година е осуден на една година условно. По излегувањето, повторно создава партиска организација, станувајќи нејзин секретар.
Во април 1943 година, по директива на Добривое Радосављевиќ, член и делегат на СКЈ, Љупчо престојува во Скопје. Од Кочани, по одлука на партиската организација, на 17 мај заедно со Раде Кратовче одат во илегала. Во придружба на брат му Методи излегува од Кочани, по што тој и Раде со помош на Ангел и Крум Митеви се префрлени во месноста Осое, во селото Вранинци. Првите врски се одржувани преку Павлина Сантова, Крум и Ангел Митеви и мајка му Надежда (која одржува врска и со Нада Попова и Геро Максимов), а подоцна директно преку Коле Лазаров.
Истовремено излегува и штипската група на чело со Тошо Арсов и Ванчо Прке, но до средба меѓу нив не дошло, бидејќи штипската група е разбиена на патот за Плачковица, кога Тошо и Ванчо загинуваат. Зимата по неуспешен обид за префрлање во селото Теранци, одат во Старо Село кај Коле Лазаров. Се состанува со повеќе лица, така што во разни села создава групи активисти. Љупчо Сантов бил еден од активните млади антифашисти уште од почетокот на НОВ. Како младинец од Кочани, тој учествувал во формирањето на читалиштето „Искра“, кое станало средиште на прогресивната младина и на поддржувачите на народноослободителното движење. Љупчо Сантов загинал заедно со Раде Кратовче на 23 март 1944 година во селото Главовица, на падините на Осоговските Планини.
Бидејќи потоа куќата била запалена, семејството привремено се сместило во куќата на дедо му Пане Ефремов. Кон крајот на октомври 1944 година по повод неговата смрт, сочувство на семејството дошле да му изразат Светозар Вукмановиќ-Темпо и Лазар Колишевски.
Во негова чест е именувано средно училиште во Кочани, а подигнат е и споменик на местото на загинување во селото Главовица, како и во Старо Село, близу Вранинци, каде што работеле како илегалци од почетокот на мај 1943 до средината на март 1944 година, и бисти во градскиот парк во Кочани, пред домот на културата.