Фото: пиксабеј

Ураганот „Ерин“, првиот во Атлантскиот Океан за оваа сезона, се засили до катастрофална петта категорија според скалата на Сафир-Симпсон, соопшти американскиот Национален центар за урагани (НЦУ).

Бурата се наоѓа на околу 285 километри североисточно од главниот град на Порторико, Сан Хуан, придружена со постојани ветрови со максимална брзина од 260 км/ч. Според прогнозите на НЦУ, „Ерин“ ќе се движи на запад-северозапад во текот на ноќта, забавувајќи го своето движење, а потоа ќе се насочи кон север на почетокот на следната недела. Се очекува утре постепено да почне да слабее.

Претходно, Центарот за урагани предвиде дека „Ерин“ ќе се зајакне во текот на следната недела. Се очекува окото на ураганот да помине покрај северните Антилски Острови, Девствените Острови и Порторико во текот на денот, а потоа да се премести источно од островите Туркс и Каикос и југоисточните Бахами во ноќта кон понеделник.

Брановите предизвикани од „Ерин“ ќе ги погодат делови од северните Антилски Острови, Девствените Острови, Порторико, Хаити и островите Туркс и Каикос за време на викендот, соопшти НЦУ.

Брановите ќе стигнат до Бахамите, Бермудските Острови и источниот брег на САД на почетокот на следната недела.

„Ерин“ предизвика и стравувања од шумски пожари, доколку искри предизвикани од човек запалат исушена вегетација, а силните суви ветрови ги разгорат пламените.