Mакедонската заедница во Викторија ги одбележа трите Илиндена

Пригодни свечености по повод националниот празник 2 Август беа организирани меѓу Македонците во Бугарија, Србија, Хрватска, Австралија, Канада…

Глобална македонска обединетост: Одбележувањето на најголемиот национален празник на Македонците продолжува кај иселениците и дијаспората

Македонците во соседните држави, како и на повеќе континенти низ светот со повеќедневни пригодни свечености го одбележаа празникот Илинден – 2 Август, обединувајќи се околу идентитетските обележја истакнати преку јазикот, историјата, културата и националните симболи што ги поврзуваат со матицата.

Семакедонски собир одржан во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во градот Гоце Делчев: Продолжува борбата за правда, права и слобода на Македонците во Бугарија

На собирот на Македонците во Бугарија, кој почна со македонската песна „Народе македонски“, во чест на Илинден, им беше оддадена почит на илинденците што загинаа за идеалите на Гоце Делчев за независна Македонија. Во пораката беше потсетено дека Илинден е ден што ги обединува Македонците каде и да живеат, каков дијалект и да говорат, затоа што знамето што го носат е во срцето.
– Илинден не е само борба со пушки и барут туку и со срце и разум – истакнаа Македонците во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во градот Гоце Делчев во Пиринска Македонија.
На свеченоста беа присутни сите организации на Македонците во Бугарија. Бугарија сѐ уште одбива да ги признае Македонците, владата и судовите отфрлаат регистрација на здруженија и партии на Македонците, но борбата за правда, права и слобода на Македонците во Бугарија и натаму продолжува, беше нагласено на семакедонскиот собир.

Националниот совет на Македонците во Србија одржа свечена седница

По повод Илинден, Националниот совет на Македонците во Србија одржа свечена седница во основното училиште „Гоце Делчев“ во Јабука. На свечената седница присуствуваа и државниот секретар на Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог, д-р Иван Бошњак, претставникот на Покраинската влада на Војводина, Золтан Кудлик, претставници на македонската амбасада во Белград, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, д-р Васко Шутаров, како и колегите од унгарскиот и полскиот национален совет. Претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија, Зорица Митровиќ, ги информира присутните дека е добиено официјално известување од Собранието на Град Нови Сад за одобрен буџет за редовно финансирање. Ова е првпат по 20 години, Националниот совет на Македонците во Србија да добие финансиска поддршка од страна на една локална самоуправа. Дополнително, Републичката дирекција за имот, врз основа на заклучок на Владата на Република Србија, му додели на Националниот совет на Македонците во Србија деловен простор во Белград – на неопределено време и без надомест.
– Овие одлуки претставуваат историска поддршка за Македонската заедница во Србија и потврда за нашата посветена работа и препознатливост на институционално ниво – изјави претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија, Зорица Митровиќ.
Претставниците на Министерството за човекови и малцински права, како и на Покраинската влада, ја истакнаа важноста од зачувувањето на традицијата и добрата соработка со Македонскиот национален совет.

Илинден одбележан во Хрватска со силна порака за зачувување
на идентитетот

Во организација на македонското културно друштво „Илинден“ од Риека, традиционалниот настан ги собра членовите на македонската заедница од цела Хрватска, како и многубројни гости и пријатели. Годинава, прославата се одржа и во спомен на Илинденското востание од 1903 година и македонската република во Крушево, како фундаментални симболи на македонската борба за слобода и идентитет. На церемонијата присуствуваше и заменик-жупанот на Приморско-горската жупанија, Тони Штимац, како претставник на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што уште еднаш се потврдија важноста и признанието што Република Хрватска им го придава на националните малцинства и нивното културно-историско наследство. Штимац ги истакна богатството на културната разновидност и обичаите што се негуваат и почитуваат во Приморско-горската жупанија.
Во своето обраќање до собирот, претседателката на македонското културно друштво „Илинден“, Ивона Дуноски Митев, и претседателот на Македонската заедница во Хрватска, Илија Христодулов, им се заблагодарија на сите што дојдоа да ја поддржат оваа важна годишнина, нагласувајќи дека Илинден не е само сеќавање на минатото туку и силна порака за важноста на зачувувањето на идентитетот и дијалогот во современото општество.

Македонската заедница во Викторија ги одбележа трите Илиндена

Во организација на Организацијата на македонско-австралиската заедница, македонската заедница во Викторија ги одбележа трите Илиндена – 81 година од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија одржано во македонскиот манастир „Св. Прохор Пчињски“ на 2 август 1944 година, 122 години од Илинденското востание кренато на 2 август 1903 година и 2.363 години од битката кај Херонеја на 2 август во 338 година пред нашата ера.
Одбележувањето на 2 Август – Денот на македонската државност, започна ден претходно. На 2 август се одржа помен на македонските војводи и сите што ги положија животите пред олтарот на татковината за слободата. Вечерта на 2 август беше организирана македонска гала-вечер, на која присуствуваа македонскиот конзул Али Алиевски и тројца министри од Владата на Викторија, како и Дејан Змејковски и Марјанче Тамбелевски од македонската православна општина за Мелбурн и Викторија. Македонците беа почестени и со присуството на д-р Кен Зулумовски, Абориџин од македонско потекло.

Илинден и АСНОМ одбележани и во Мелбурн

Во организација на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Македонците во Мелбурн свечено и достојно ги одбележија Илинден 1903 и АСНОМ 1944. Модератор на програмата беше Ицо Најдовски-Перин. Архимандритот Гаврил Галев и отец Климент Станковски отслужија заупокоена трисагија за помен и вечен спомен на душите на револуционерите, кои ги положија животите пред олтарот на татковината. Хорот на македонската православна црква „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ ја исполни македонската национална химна, а за Илинден зборуваше претседателот на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Дејан Змејковски.
Роберт Стојановски, член на Светскиот македонски конгрес – Австралија, одржа инспиративен говор на англиски јазик. Со рецитации настапија поетите и актери Дона Димовска, Стеван Ацевски и Игорче Трпчески од македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ од Мелбурн. За значењето на Илинден и АСНОМ говор одржа претседателката на Македонската православна младина за Австралија, Натали Ристевска. На крајот, делегации на македонските здруженија и организации и активисти на македонската заедница положија венци и свежо цвеќе на Споменикот на Гоце Делчев.

Во Канада одржана традиционалната илинденска прослава

Во организација на македонската православна црковна општина „Свети Никола“ во Виндзор, Канада, се одржа традиционалната илинденска прослава за одбележување на големиот христијански празник Свети Илија и 2 Август – Денот на државноста на Македонија. Со македонско мени и македонски песни и ора, Македонците во Виндзор се потсетија на историјата и поминаа прекрасен ден со дружење. Највесело беше за најмладите, кои настапија со културно-уметничка програма во македонски народни носии, но се радуваа и на шарите што уметници ги цртаа по нивните лица.


Средба на Никола Ѓурѓај со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчевски

Разменети мислења за продлабочување на соработката на културен план

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, на средба со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, имал разговори за поддршката што оваа општина може да ја даде за друштвото и унапредувањето на соработката во областа на културата.
– Чест и задоволство ми беше што со градоначалникот имавме срдечна средба. Непосредно го запознав со проблемите со кои се соочуваат Македонците, како и со активностите на друштвото. Добив цврста поддршка за друштвото, во рамките на можностите на локалната власт. Му заблагодарив на градоначалникот, исто така, и за грижата кон учениците и студентите Македонци од Албанија, кои се школуваат во образовните институции во Прилеп – рече Ѓурѓај, додавајќи дека размениле мислење околу соработката на културен план, со настапи на македонски фолклорни групи од Албанија во Прилеп и обратно.
Ѓурѓај му донирал на Јовчески примероци од изданијата на македонскиот весник „Илинден“, кој е главниот и битен гласник што информира за активностите, проблемите и прашањата на Македонците во Албанија. Д.Ст.


Одржано 35-то генерално собрание на Светскиот македонски конгрес

Усвоена Резолуција за геноцидот врз македонскиот народ што трае и денес

Во големата сала на Советот на Град Скопје беше одржано 35. Генерално собрание на Светскиот македонски конгрес (СМК). Генералното собрание за отворено го прогласи претседателот на СМК, Тодор Петров.
Собранието на СМК усвои и Резолуција за геноцидот врз македонскиот народ, во која меѓу другото се вели дека во Балканските војни, 1912-1913 година, се извршени окупација врз Македонија и геноцид врз македонскиот народ што траат до денес. Државите учеснички во овие војни ги сметаме за окупатори и испорачуваме барање за враќање на граѓанските права на насилно прогонетите Македонци од егејскиот дел на Македонија под јурисдикција на Република Грција и на нивните потомци, од Првата и Втората балканска војна, Првата и Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција – правото на државјанство и имотните и наследните права на бегалците од 1948 година и нивните наследници во своите родни места и утврдување ефективни мерки по тоа прашање.
По повод 10 август како Светски ден на семакедонското помирување и обединување и Ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ, 35-то Генерално собрание со едноминутно молчење им изрази и искрено сочувство на жртвите од геноцидот врз македонскиот народ во сите војни, а беше изразено и искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во националната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март годинава. Д.Ст.