фото: Нова Македонија

ШАХ

ФИДЕ го отвори пријавувањето за организатори на турнирите на кандидати

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) официјално го отвори пријавувањето за организатори на еден од најочекуваните настани во шаховскиот календар, Турнирите на кандидати и на кандидатки в година, кои се последен чекор во квалификациите за натпреварите за светските титули. Тоа е еден од најгледаните настани во спортот, кој ги собира најдобрите светски шахисти во интензивна битка на вештина, подготовка и издржливост. Понудите се отворени за секоја федерација членка на ФИДЕ или организатор одобрен од нивната национална федерација. Периодот за поднесување на понудите трае до 15 октомври годинава. Комисијата за општа стратегија на ФИДЕ ќе ги оцени сите апликации, а Советот на ФИДЕ ќе го одобри конечниот град домаќин на турнирите во двете конкуренции. Турнирите треба да траат до 22 дена, минимален награден фонд за турнирот на кандидати е 700.000 евра (зголемување од 500.000 евра во однос на 2024 година), на турнирот на кандидатки е 300.000 евра (зголемување од 250.000 евра во однос на 2024 година), сите организатори мора да ги почитуваат правата на спонзорите и партнерите на ФИДЕ, вклучително и емитување видео и преноси од партии, велат од ФИДЕ. Г.И.


АТЛЕТИКА

Дуплантис доби амбасадорска улога

Сензацијата во скок со стап Мондо Дуплантис изјави дека е возбуден што е дел од растот на атлетиката откако на двократниот олимписки шампион му беше доделена амбасадорска улога за првото ултимативно Светско првенство (СП) во атлетика в година.
– Би било сон да се собори светскиот рекорд пред огромна публика следната година. Овој настан е наменет да го претстави нашиот спорт како никогаш досега и едвај чекам да бидам дел од него – рече Дуплантис, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Светската атлетика (СА) лани објави дека ќе го одржи глобалното првенство како голем крај на сезоната во 2026 година. Потоа ќе се одржува на секои две години. Управното тело додаде дека Дуплантис ќе биде меѓу „клучните соработници што ги следат своите културни страсти надвор од атлетиката, во музиката, модата, уметноста, на екранот, кои ќе го промовираат новото глобално првенство што ќе ја заврши сезоната“. Настанот ќе се одржи во Будимпешта со рекордни 10 милиони долари награден фонд. Освојувачите на златни медали ќе добијат по 150.000 долари како дел од она што СА го опиша како најбогат награден фонд досега во спортот. Г.И.