Фото: ЕПА

Тотенхем одигра одличен натпревар, беше посилен од нас. Не знам дали е фер резултат, но тоа е фудбалот. Имавме способност да се бориме до крајот, но уште можеме да се подобриме, рече Луис Енрике, тренерот на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА

ФУДБАЛ – ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН ГО ОСВОИ СУПЕРКУПОТ НА УЕФА

Европскиот првак Пари сен Жермен стана 26-от тим што го освои Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) и првиот француски тим што го стори тоа, со победата на пенали на дуелот со победникот на Лига Европа, Тотенхем од Англија, во Удине (Италија). По 90 минути, мечот заврши со реми, 2-2, а на пенали Пари сен Жермен победи со 4-3.
– Тотенхем одигра одличен натпревар, беше посилен од нас. Не знам дали е фер резултат, но тоа е фудбалот. Уште треба да се подобриме. Имавме способност да се бориме до крајот, но уште можеме да се подобриме. Лукас Шевалие беше неверојатен и многу сум среќен за него. Ако треба да кажам едно нешто за нас што беше важно во минатата сезона, тоа е нашата вера. Веруваме дека можеме да победуваме постојано. Многу сум среќен – рече Луис Енрике, тренерот на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА
Ова беше 50-то издание на Суперкупот и прва натпреварувачка средба помеѓу овие два тима.
– Игравме многу добро. Играме против еден од најдобрите тимови во светот, можеби најдобриот во овој момент. Ги имавме точно таму каде што сакавме осумдесетина минути, до голот за 2-1. Секако, тоа малку го промени моментумот, но има толку многу позитивни работи. Има многу нешта за да се биде задоволен – вели Томас Франк, тренерот на Тотенхем, пренесе Европската фудбалска унија.
Досега 26 клуба од 13 земји го освоија трофејот во Суперкупот на УЕФА. Реал Мадрид е најуспешен во тоа натпреварување (славеше во 2002, 2014, 2016, 2017, 2022 и во 2024 година), со шест победи, по една повеќе од Милан и од Барселона. Н.М.