Фото: Архива „Нова Македонија“

Македонија вечерва игра со Грција на гости, а в недела дома со Грузија, во мечеви од групата Б. На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Македонија досега има три настапи на СП, во 2019 година (17-то место), 2021 (23-то) и во 2023 година (16-то место)

ОДБОЈКА

Во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2026 година, машката одбојкарска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Јошко Миленкоски, денеска (19 часот) ѝ гостува на Грција во Атина, а четири дена подоцна во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (20 часот) ја пречекува Грузија, во последното коло од овој циклус на квалификации. Миленкоски ги избра 14-те играчи што ќе настапат во Атина, а единствена измена од составот што го понесе товарот во Европската златна лига е враќањето на средниот блокер Филип Маџунков.
По завршувањето на обврските во Европската златна лига, репрезентативците имаа малку повеќе од три недели одмор пред повторно да се соберат во Маврово, во пресрет на квалификациските дуели преку кои Македонија ќе настојува четврти пат во низа да се пласира на ЕП. Црвено-жолтите во меѓувреме одиграа во Софија контролен двомеч со Бугарија, потоа се стационираа во Скопје, каде што ја одработија финалната фаза од подготовките. Генерална проба пред квалификациите беше 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“ во Скопје, на ко, покрај Македонија, учествуваа Бугарија и Швајцарија.
На првиот меч во квалификациите за ова ЕП помеѓу Македонија и Грција, лани, во Скопје, по голема борба славеа Грците со 3-1 (15-25, 25-18, 25-23, 25-15). Грција во Европската златна лига годинава беше прва на табелата со 17 бода, а пласман во следната фаза (полуфинале) обезбедија, покрај Грција (која потоа беше четврта), уште Финска и Чешка, а Македонија беше деветта на табелата со две победи и четири порази, со што обезбеди настап и во следното издание на Европската златна лига. Грција досега настапила на вкупно 17 ЕП (најдобар пласман е трето место во 1987 година), а Македонија на три, во 2019 година (17-то место), 2021 (23-то) и во 2023 година (16-то место).
На ЕП 2026 во Финска, Италија, Романија и во Бугарија ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на континенталното првенство, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023. Г.И.


ГРУПА Ф

Грција – Македонија 19 ч.
Македонија – Грузија недела, 20 ч.

ТАБЕЛА
Грција 3 3 0 9-1 9
Македонија 2 1 1 4-3 3
Грузија 3 0 3 0-9 0