Острото одбивање на украинскиот претседател Володимир Зеленски да направи територијални отстапки би можело да предизвика незадоволство кај американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Њујорк тајмс“. Според американскиот весник, Трамп го поставил постигнувањето мировен договор меѓу Украина и Русија како една од неговите главни цели во надворешната политика, дури и ако тоа значи неповолни услови за Киев
Односот Зеленски – Трамп во фокусот на светските медиуми
Во петте месеци откако Доналд Трамп и Володимир Зеленски се сретнаа во Овалната соба кон крајот на февруари, украинските претставници работеа напорно за да ја поправат штетата од тој ден, кој заврши со исфрлање на украинскиот претседател од Белата куќа. Со совети од европските сојузници, Зеленски ја рекалибрираше својата стратегија за справување со администрацијата на Трамп и имаше чувство дека сè оди добро.
– Успеавме да ги ресетираме комуникациите, да најдеме нов јазик за соработка со Трамп – рече висок функционер во Киев пред една недела.
Исто така, се чинеше дека реториката на Трамп се менува, бидејќи тој го нарече бомбардирањето на украинските градови од страна на Русија „одвратно“ во последните недели и му постави на Владимир Путин рок до минатиот петок да ја запре војната или да се соочи со воведување нови осакатувачки санкции.
– Потоа следуваше посетата на специјалниот американски пратеник Стив Виткоф на Москва минатата среда. Се чини дека Путин не направил големи отстапки за време на тричасовниот состанок во Кремљ, а за возврат бил награден, не со санкции, туку со покана да се сретне со Трамп во Алјаска. Понудата за постигнување мировен договор за Украина на билатерален самит со Трамп претставува токму таков вид договор со големи сили за кој Путин отсекогаш копнеел. Тоа ќе биде неговото прво патување во САД од 2007 година, со исклучок на посетите на ОН – наведува британски „Гардијан“.
Како точно ќе изгледа самитот на Алјаска сè уште е нејасно, додека официјален Киев и европските престолнини се обидуваат да разберат што точно е договорено во Кремљ.
– Острото одбивање на украинскиот претседател Володимир Зеленски да направи територијални отстапки би можело да предизвика незадоволство кај американскиот претседател Доналд Трамп – пишува „Њујорк тајмс“.
Според весникот, Трамп го поставил постигнувањето мировен договор меѓу Украина и Русија како една од неговите главни цели во надворешната политика, дури и ако тоа значи неповолни услови за Киев.
Првите најави од Белата куќа сугерираа дека Путин ќе се сретне со Трамп, по што ќе следува тристрана средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски. Путин брзо го негираше тоа. Како што рече рускиот претседател, „сè уште сме далеку од создавање услови“ за средба со Зеленски. Извор од Белата куќа изјави за „Њујорк пост“ дека ако Путин не се согласи да се сретне со Зеленски, средбата со Трамп нема да се одржи. Но, неколку часа подоцна, Трамп го негираше тоа.
Зеленски доби дипломатска поддршка од ЕУ и од НАТО
Володимир Зеленски, пак, доби дипломатска поддршка од Европа и од НАТО пред самитот Русија-САД неделава, Во саботата, лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска, Финска и на Европската комисија изјавија дека секое дипломатско решение мора да ги заштити безбедносните интереси на Украина и на Европа.
– САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи тоа е прашање за безбедноста на Украина и на цела Европа – изјави во неделата шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пак, за американската мрежа „Еј-би-си њуз“ изјави дека самитот в петок „ќе биде за тестирање на Путин колку е сериозен во ставањето крај на оваа ужасна војна“.
– Секако, ќе станува збор за безбедносни гаранции, но и за апсолутната потреба да се признае дека Украина одлучува за својата иднина, дека Украина мора да биде суверена нација, одлучувајќи за својата геополитичка иднина – порача Руте. Н.М.