Фото: ЕПА

Со олимписката сезона 2025/2026 на хоризонтот, враќањето на Вон на патеките добива ново ниво на амбиција со Свиндал официјално на нејзина страна

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Во голема објава што го изненади светот на алпското скијање, Линдзи Вон (САД) потврди дека Аксел Лунд Свиндал ќе му се придружи на нејзиниот тим како тренер за претстојната олимписка сезона, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Двете легенди во скијањето, со неверојатен вкупен број од 118 победи на Светскиот куп (СК) и 218 подиуми, се обединуваат за едно од најочекуваните враќања во поновата историја.
– Го познавам Аксел повеќе од 20 години. Трениравме заедно во Чиле и во Колорадо, па дури и се пензиониравме на истата трка. Тоа што го имам покрај мене сега, не само како пријател туку и како тренер, е нешто навистина посебно – сподели Вон.
Вон, една од најуспешните алпски скијачки во историјата, има 82 победи во Светскиот куп, 138 подиуми, четири титули во генерален пласман во СК и 16 кристални глобуси (титули) по дисциплини. Нејзината блескава кариера вклучува и три олимписки медали, од кои најзначајни се златото во спуст во Ванкувер во 2010 година и осум медали на светските првенства (СП), вклучувајќи два златни. Свиндал, еден од најодликуваните спортисти на Норвешка, има 36 победи во Светскиот куп, 80 подиуми, две титули во генерален пласман и девет дисциплински глобуси. Неговиот олимписки биланс вклучува четири медали (два златни), а тој има и девет медали на СП, од кои пет златни. Оваа соработка оди подалеку од бројките. Се темели на меѓусебна доверба, почит и споделена визија. Вон го истакна техничкото знаење на Свиндал, особено со опремата што ја користеа за време на нивните кариери, како клучен адут во нејзиното враќање.

– Има многу малку луѓе во светот на кои би им верувала кога станува збор за техника и опрема, а Аксел е апсолутно еден од нив. Тој точно знае што е потребно за да се биде најдобар од најдобрите – рече таа.
За Свиндал, одлуката да се придружи на Вон беше и чест и изненадување.
– Кога еден од најголемите што некогаш се занимавале со овој спорт ќе ве повика и ќе ја побара вашата помош, вие сте почестени и поласкани. Бев малку изненаден што реков да на нејзината понуда, но ми недостига спортот и навистина мислам дека можам да направам разлика. Постои голема шанса таа да оди на Зимските олимписки игри како еден од фаворитите. Дефинитивно гледам дека ќе има делови од патеките каде што таа може да биде побрза од кој било друг. Понекогаш кога се гледа патеката, се сведува на стратегија. Прашувате: каде може да се победи во оваа трка? – рече Свиндал.
Вон рече дека сака Свиндал да ѝ помогне да прифати агресивни тактики во тркањето и да ја води во фино нагодување на нејзината опрема. Свиндал се согласува дека нејзините силни страни можат да направат разлика. Со олимписката сезона 2025/2026 на хоризонтот, враќањето на Вон добива ново ниво на амбиција со Свиндал официјално на нејзина страна.
– Ова враќање е малку лудо, но мислам дека Аксел навистина може да ми помогне. Тој верува во мене и знам што носи. И двајцата сме натпреварувачи во срцето и сега, заедно бркаме нешто посебно – заклучи Вон, пренесе ФИС. Н.М.