Заедно со Петков и Узунов, Велков ја сочинуваше најдобрата напаѓачка тројка што воопшто ја имал Кожуф во својата историја. Велков остана во сеќавањата на љубителите на фудбалот и како долгогодишен капитен на екипата
Ване Велков (2)
Многу чуден и исполнет со доживувања беше спортскиот живот на Ване Велков, кој беше еден од легендарните фудбалери на Кожуф, но и сестран спортист, кој остави траен белег во спортскиот живот во Гевгелија. Покрај тоа што беше еден од главните играчи и долгогодишен капитен на фудбалскиот клуб, Велков беше и ракометар, пингпонгар и извонреден кошаркар, кој во почетокот од 60-тите години на минатиот век настапи и за кошаркарската репрезентација на Македонија на традиционалниот Куп на републиките и покраините. Неговите спортски успеси не останаа незабележани и од неговите сограѓани, па тој во 1962 година беше прогласен и за најдобар спортист на Гевгелија. Тој беше вистинска спортска sвезда на овие наши јужни македонски простори. Сепак, иако секаде беше врвен и со многу постигнувања, својата најголема слава Ване Велков ја доживеа во фудбалот. Тој многу години беше позната и незаменлива „десетка“ на Кожуф и со успех го предводеше својот тим низ тешките битки. Но да видиме како изгледаше неговата фудбалска кариера.
Почетна афирмација во Мајданпек
Не знам дали по толку поминати години, дали некој, дури и од постарите симпатизери на Кожуф и воопшто љубители на фудбалот, ќе се присети оти својата фудбалска кариера Велков ја почна во ФК Мајданпек.
– Мојот брат беше „виновник“ за одењето во овој рударски град во Србија, тогаш во рамките на поранешна Југославија. Тој штотуку ја заврши Вишата тренерска школа, прва шанса што му се укажа да почне да работи како тренер беше да застане на кормилото на Мајданпек. Јас, бидејќи во тоа време го завршив воениот рок во тогашната ЈНА, немав ангажман зашто уште кај мене беше присутна колебливоста дали да продолжам со кошарката, во која станав и младински репрезентативец на Македонија или да почнам сериозно да се занимавам со фудбал, кој од сите спортови најмногу го исполнуваше моето детство. Кога дојде предлогот од брат ми да дојдам и јас во Мајданпек, тогаш дефинитивно пресеков и ставив крај на сите дилеми. Самиот си реков, одам во фудбалот, во него да си ја пробам среќата. Така, некако неочекувано и за мене набрзо станав член на Мајданпек, кој се натпреваруваше во Српската, а потоа и во Втората југословенска лига, источна група, која беше мошне силна и во која настапуваа познати клубови пред сѐ од Србија. Тука беа Дубочица од Лесковац, Железничар од Ниш, Тимок од Заечар, Раднички од Крагуевац, Напредак од Крушевац и уште неколку екипи, меѓу кои беше и Победа од Прилеп. Инаку, треба да се потенцира оти прилепчаните беа најстандардни од сите македонски второлигаши. Тие неколку сезони завршуваа на втората или на третата позиција. Искуството од ФК Мајданпек многу ми помогна во понатамошниот тек на кариерата. Се чувствував како да сум ја совладал првата лекција и се стремев кон нови предизвици. Имав понуди од неколку клубови, но најмногу посакував да се вратам дома и да заиграм за Кожуф. Така и се случи, по три сезони поминати во српскиот клуб си дојдов на свој терен меѓу моите фудбалски другари од младешките години. Овој потег со радост беше примен од љубителите на фудбалот во Гевгелија, а јас бев среќен што дојдов онаму каде што ми беше местото, во Кожуф – ја почнува својата фудбалска приказна Ване.
Молневит пробив во сопствената средина
Сите оние што ги знаеја фудбалските квалитети на Велков, веднаш прокоментираа оти со него клубот добива едно вистинско засилување.
– Потпишав за Кожуф и така станав член на големото гевгелиско фудбалско семејство. Бев задоволен, зашто она што го мечтаев во младоста, конечно ми се исполни. Не помина долго време, а веќе станав првотимец. Уште повеќе ме охрабруваше и фактот што бев стандарден и секогаш бев во првата постава. Ми требаше многу кус период од еден до два месеца да се стабилизирам и да заиграм на позицијата на лева полутка, каде што останав до крајот на кариерата. „Десетката“ секогаш беше резервирана за мене, а многумина од фудбалските љубители во Македонија можеби не ме препознаваа по ликот, туку секогаш ја бараа да ја видат каде е онаа гевгелиска „десетка“. Тоа ми причинуваше задоволство и бев горд, зашто на крајот стигнав онаму каде што посакував, а од мене зависеше како ќе биде понатаму – вели Ване.
А понатаму сѐ одеше во прилог на Ване. Играше стандардно, со еден збор Кожуф не можеше да се замисли без него. Тој стана фудбалерот од кого зависеа многу работи во текот на играта, а често беше и стрелец на решавачките голови за конечниот исход.
– Од многуте голови што ги постигнав најзадоволен бев кога на една средба со Борец во тогашен Титов Велес постигнав гол со десна нога. И самиот се зачудив зашто бев познат како шутер што ја користи само левата нога. Тогаш си помислив, добро е, значи можам да постигнувам голови со двете нозе. Но овој гол со кој го израмнивме резултатот на 1-1 предизвика и бура од негодување кај навивачите на Борец, зашто сметаа оти сум бил во офсајд-позиција. Дотрчав кај судијата Чурев да му објаснам оти позицијата од која биев беше чиста. Но ситуацијата многу се вжешти и по многу расправии средбата беше прекината. Иако бевме под голем притисок на преиграниот натпревар бевме подобри и победивме со 2-1 – рече тој.
Во меморијата на Ване посебно место имаат и дуелите со Куманово. Тој се сеќава на три меча одиграни во периодот од 1967 до 1971 година.
– Во 1971 година кумановчаните, кои имаа недостижна бодовна предност во борбата за освојување на првото место, во игра против нас влегоа како од овој меч да им зависи сѐ. За нас средбата беше од пресудно значење за зачувување на лигашкиот статус. Иако дадовме сѐ од себе, не успеавме да победиме и поради послаба гол-разлика од ривалите испаднавме од лигата. Со ова кумановчаните како да сакаа да ни вратат мило за драго за она што им се случи пред три години, кога во Гевгелија доживеаја вистински дебакл и загубија со 6-1. Оттогаш како да се роди некој антагонизам меѓу двата клуба, па во истата сезона на гостувањето во Куманово со боксови бевме пречекани уште на влегување во соблекувалната. Тоа беше јасен сигнал оти во овој меч не треба да очекуваме ништо зашто почувствувавме како да сме влегле во некаков пекол. Во тие моменти кога навистина бевме уплашени, за среќа, тука се најде познатиот кошаркарски судија од Куманово Нини Лалевски, кој беше спортски авторитет во градот и некако со негова асистенција се извлековме од ситуацијата во која се најдовме. Згора, судијата го исклучи нашиот најдобар играч Петков. До крајот игравме формално не гледајќи на резултатот, а тој беше 6-0 за домаќините. По тие драматични моменти што ги доживеавме во поттрибинскиот простор на стадионот во Куманово, одвај чекавме да влеземе во автобус и да се вратиме дома. Резултатот никого не го интересираше, битно беше што побрзо да заминеме од стадионот – рече тој.
Во најдобрата напаѓачка тројка
Времето поминуваше, се редеа многу тешки и неизвесни средби, а навивачите на Кожуф уште тогаш ја прогласија најдобрата напаѓачка тројка во историјата на клубот во состав: Петков, Узунов и Велков. Подоцна доаѓаа и други фудбалери меѓу кои имаше добри напаѓачи, но гевгеличани и ден-денес не ги забораваат асовите од минатото. Ним и понатаму им припаѓаат сите почести.
– Бев среќен што во таа тројка се најдов и јас. Да бидеш рамо до рамо со асови како Петков и Узунов беше голема работа. Петков беше навистина класа од играч, па затоа многумина го споредуваа со Шеки, во тоа време најпопуларниот југословенски фудбалер, кој, пак, потекнуваше од Штип. Во тројката беше и Узунов, кого го посакуваа речиси сите македонски клубови. Сега на овие години кога во мислите ми се враќаат многу нешта од минатото си анализирам низ сѐ што сум поминал. Уште како да ја чувствувам радоста кога добив стипендија и се запишав во Средното економско училиште. Потоа, на другарите што кон мене гледаа со почит. Се сеќавам и на деновите кога ги одбивав менаџерите, кои ми нудеа многу подобри услови да заминев во некој поголем клуб. Јас немав таква желба, бев задоволен со тоа што го имав и бев среќен што со години бев капитен на Кожуф – со носталгија се сеќава легендарниот Ване Велков.
На крајот од оваа приказна посветена на гевгелиската спортска легенда треба да се истакне оти тој во својата фудбалска кариера често беше прогласуван за најдобар играч на натпреварот, а во анкетата на весникот „Вечер“ една година беше прогласен за најдобра лева полутка во МФЛ. Познатата „десетка“ ќе остане во трајно сеќавање на неговите современици, кои на идните генерации, говорејќи за фудбалската историја на својот град, често ќе го споменуваат Ване Велков како играч што го афирмирал не само Кожуф туку и фудбалот во овој јужен регион од Македонија. Таквите личности никогаш не треба да бидат заборавени.