Алкалоид на целиот турнир оствари 17 победи, три ремија и не загуби ниту една партија во сите мечеви, информираат од женскиот клуб на Алкалоид. Машката екипа на Алкалоид води по пет одиграни кола на екипното државно првенство во Струмица
ШАХ – ЕКИПНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА
Шахистките на Алкалоид со убедлива и сигурна игра и со максимални пет победи во пет кола ја освоија шампионската титула за 2025 година. Во последното коло на екипното државно првенство за жени во шах во Струмица, „фармацевтките“ победија со 3,5-0,5 на мечот со Неготино, кој го освои третото место. Второпласирана е екипата на Центар. Алкалоид со комплетен состав: ИМ Лела Јавакишвили (Грузија, 2.230 рејтинг-поени), ВМ Бела Котенашвили (Грузија, 2.415), ЖФМ Моника Стојковска (2.067), ЖИМ Габриела Коскоска (2.000), ЖФМ Моника Жежовска (1.973, плус нови 22,4 р.п.) и Леа Ефтовска (1.870), на целиот турнир оствари 17 победи, три ремија и не загуби ниту една партија во сите мечеви, информираат од женскиот клуб на Алкалоид.
– Карактеристика на мечевите во женска конкуренција се големата непредвидливост и многуте пресврти. И овој пат беше така, имаше многу оган на таблите и голема борба. Во пресудниот меч за титулата, одлична партија одигра повеќекратната државна шампионка Моника Стојковска, но и таа партија како и другите беа плод на повеќемесечните подготовки. Овој пат разработувавме повеќе сценарија, што не е типично за екипните мечеви, па сметам дека бевме соодветно подготвени. Не беше лесно ниту за интернационалките на првите табли. Имаа тешки партии, иако, со исклучок на екипите на Центар и на Неготино, другите екипи не располагаа со висококвалитетни шахистки. Конкуренцијата беше концентрирана во помал број клубови, но повеќе проблеми создаде одлуката на ШФМ да се играат две кола во еден ден, бидејќи тоа влијаеше врз ритамот. Посакувам во женскиот македонски шах да продолжи развојот на младите таленти, што реално треба да биде долгорочна заложба во интерес на македонскиот шах – изјави ВМ Влатко Богдановски, капитенот на женскиот тим на Алкалоид.
Со овој триумф се отвора патот кон двојната круна, затоа што и машката екипа на Алкалоид води по пет одиграни кола. Во петтото коло беше остварена победа на мечот со Куманово 1 со 6-0 што јасно ја демонстрира разликата во класа меѓу двата тима, пишува ШК Алкалоид. Младите шахисти што потекнуваат од шаховската школа на Алкалоид, а кои настапуваат за Мулти Есенс (формиран лани), вчера го совладаа Гостивар со 3,5-2,5 и понатаму се непоразени, односно со девет бода се на второто место. Како што дозволуваат пропозициите, на првите две табли играат странските шахисти, а во случајов токму тие партии завршија со поделба на поенот. На третата и на шестата табла победи забележаа Михаил Јорданов и Матео Ефтовски, Стојан Велкоски ремизира, а загуби Теодор Јовановски. На другите два меча Шкупи одигра нерешено со Нов Напредок од Штип (3-3), а Прилеп загуби од Гамбит Асеко СЕЕ (1,5-4,5).
Во шестото коло Алкалоид вчера играше со Гостивар, а Мулти Есенс имаше директен дуел со конкурентот за висок пласман Нов Напредок од Штип, кој во моментов е на делба на третото место.
Конечна табела за првенството за 2025 година, жени: Алкалоид 10 бода (18 по табли), Центар осум (15,5), Неготино шест (12), Капабланка четири (8), Гамбит Асеко СЕЕ два (4,5), Дамин Гамбит 0 (1,5).
Табела, мажи, по петтото коло: Алкалоид 10 (24,5), Мулти Есенс осум (20), Гамбит Асеко СЕЕ седум (20,5), Нов Напредок седум (18), Гостивар четири (13,5), Прилеп два (7,5), Шкупи еден (10,5), Куманово 1, 0 (5,5). Г.И.