Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска, во рамки на добележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, во Крушево, положи цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“.
Како што соопштија од кабинетот на претседателката, Силјановска – Давкова присуствуваше и на панихидата во храмот „Св. Никола“.
Делегации од Кабинетот на претседателката денеска положија цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, пред споменикот на Никола Карев во Скопје, како и пред спомениците на АСНОМ и на првиот претседател на Президиумот, Методија Андонов – Ченто.
Делегација од Кабинетот присуствуваше и на одбележувањето на Илинден во Смилево.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова синоќа присуствуваше на церемонијата на отворање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, којашто се одржа на месноста Гумење. На настанот беше прочитан Крушевскиот манифест и беа импровизирани традиционалниот напад на градот и пукањето од црешовото топче.