Фото: „Охридско лето“

Поради лошите временски услови на почетокот од следната недела, проследени со краткотрајни поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, театарската претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ на Црногорскиот народен театар од Подгорица наместо во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 5 август со почеток во 21 часот.

Претставата што е дел од годинашниот драмски репертоар на „Охридско лето“ е во режија и адаптација на Радмила Војводиќ. Драматург е Божо Копривница, сценографијата е на Марија Калабиќ, а костимографијата на Борис Чакширан.
Во претставата играат Варја Џукиќ, Ана Вучковиќ, Изудин Бајровиќ, Горана Драгашевиќ, Александар Радуловиќ, Јелена Лабан, Слободан Маруновиќ, Душан Ковачевиќ, Лазар Ѓурѓевиќ и Нада Вукчевиќ.

Радмила Војводиќ е театарска режисерка, драмска писателка и универзитетски професор родена 1961 год. во Бар. Дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во 1985 година. Автор е на повеќе драмски текстови. Режирала текстови од класичната и современата драматургија и авторски театарски адаптации во белградските театри „Ателје 212“, ЈДП, Белградски драмски театар и Студентскиот културен центар; Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Српскиот народен театар во Нови Сад, Црногорскиот народен театар во Подгорица, Кралскиот театар во Цетиње, како и на многу други места и фестивали.