Илинден – светлиот духовен и национален празник на Македонија и Македонците

Македонскиот народ ја обзнанил македонската борба за слобода во 20 век на два Илиндена, во 1903 и во 1944 година. Со децении Илинден се празнува преку традиција во која се зачувани духовни, револуционерни и фолклорни мотиви од колективната свест на Македонците. Освен Илинденското востание во 1903 и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, и пред нашата ера е забележана воена победа на Македонците токму на 2 август. Во 338 година пред нашата ера, војската на кралството Македонија, предводена од Филип Втори Македонски, во Херонеја ги победила здружените војски на Теба и Атина

Денот на Свети Илија – Илинден, претставува голем православен празник и значаен македонски национален празник. Се празнува на 2 август, а по стар стил на 20 јули. Македонскиот народ ја обзнанил македонската борба за слобода во 20 век на два Илиндена, во 1903 и во 1944 година. Со децении Илинден се празнува преку традиција во која се зачувани духовни, револуционерни и фолклорни мотиви од колективната свест на Македонците. Освен Илинденското востание во 1903 и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, и пред нашата ера е забележана воена победа на Македонците токму на 2 август. Во 338 година пред нашата ера, војската на кралството Македонија, предводена од Филип Втори Македонски, во Херонеја ги победила здружените војски на Теба и Атина.
Свети Илија е еден од најголемите пророци во историјата, кој живеел во 9 век пред нашата ера. Според Откровението на Свети Јован Богослов, Свети Илија ќе се појави уште еднаш – пред крајот на светот. Македонската народна традиција зачувала верување дека Свети Илија е клучар на небото, што е директно поврзано со житието на пророкот и е зачувано како спомен во народни песни и преданија. Одамна Македонците го сметале Илинден за тежок празник на кој не се работи и со кој се поврзани народни верувања и обичаи. Марко Цепенков забележал предание за борбата на Свети Илија со ламјата, кога ја бркал со кочијата за да престанат грмотевиците. Спространов запишал верувања во кои исто така е запаметена борба со ламјата, а Шапкарев оставил записи за еснафските празнувања на Илинден. Предание од гевгелискиот крај го прикажува Свети Илија со боздоган, во Охридско се правеле тркала од неисушени ќерамиди за да наликувале на колесницата на Свети Илија со цел да се повика дожд за бериќет, во Кумановско и Овчеполско на Илинден не се работи поради страв од громови, а низ цела Македонија Свети Илија е познат и како громовник. Песни и верувања за Свети Илија се запишани и во Зборникот на Миладиновци и во народното творештво запишано од преродбениците од крајот на 19 век речиси од сите краишта на Македонија.
Неговите карактеристики во народните преданија наликуваат на скандинавскиот Тор, словенскиот Перун и античкиот Ѕе(ус). Овој голем пророк е споменат и во Талмудот и Куранот. Во христијанската религија, за Свети Илија пишува во Стариот завет од Библијата. Во Македонија постојат многу стари цркви посветени на Свети Илија, а неговото вознесување на небото и давање на наметката на одбраниот наследник Елисеј е претставено и на повеќе икони и фрески во македонските цркви.
Пред 122 години, на Илинден било кренато востанието на македонскиот народ, познато како Илинденско востание, за време на кое била создадена 10-дневната Крушевска Република, првата република на таканаречениот Балкански Полуостров.

Илинденското востание претставува наследник на организираните востанија на македонскиот народ во втората половина на 19 век, како Македонското востание (познато како Кресненско), Разловечкото востание, Брсјачката буна, активностите на анархистите познати како гемиџии и други буни и востанија на непокорните Македонци. Од оваа временска дистанца, вреди да се погледне кон ставот за востание на големиот револуционер Гоце Делчев, кој не го дочекал востанието, кон судбината на Никола Карев и неговото семејство, кон судбините на Груев и Сарафов, кон резултатите од жртвата на Питу Гули и многуте знајни и незнајни јунаци, но и кон последиците од востанието, бидејќи по 1903-тата се случил еден од најголемите терори во историјата на Македонија, како одмазда поради кренатото востание. Сепак, јунаштвото и свеста на Македонците од крајот на 19 и почетокот на 20 век имаат важна улога во развојот на настаните во овој дел на Европа. Илинденското востание и Крушевската Република, 122 години подоцна, со саможртвата на Македонците од 1903-та се слават како еден од најсветлите спомени од богатата историја на Македонија и македонскиот народ.
Четириесет и една година по Илинденското востание, на Илинден, во манастирот „Свети Прохор Пчински“ се одржало Првото заседание на АСНОМ – Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија. Заседанието било отворено со изведување на „Изгреј зора на слободата“ и говор на сведокот на двата Илиндена, највозрасниот делегат Панко Брашнаров. Од неговиот говор, зачуван во целост, јасно се чита свеста на Македонците што живееле во првата половина на 20 век. На првото заседание на АСНОМ бил избран и Президиумот, на чело со претседателот Методија Андонов–Ченто и неговите заменици Панко Брашнаров и Емануел Чучков.

Денес, на средината од втората деценија на 21 век, го празнуваме денот на Свети Илија и споменот за македонската борба за слобода во 1903 и 1945 година. Современата македонска држава Република Македонија одржува настани на Мечкин Камен во Крушево и во Пелинце, каде што се наоѓа Меморијалниот центар на АСНОМ, изграден откако започнале проблеми со прославувањето во манастирот „Свети Прохор Пчински“, кој денес е во границите на Србија.
Вреди да се спомене дека за време на Втората светска војна, во текот на неколку години повеќе големи акции биле изведени токму на Илинден.
Подвигот на комитите од 1903 се слави преку традиционалниот Илинденски коњанички марш и планинарските пешачења од Скопје до Крушево.
На 2 август 1923 година, под покровителство на Организацијата предводена од Тодор Александров, ковчежето со моштите на Гоце Делчев било изнесено од домот на Михаил Чаков во црквата „Света Недела“ во Софија на 10-дневно поклонение, по што биле изложени во канцеларијата на македонското братство „Илинден“, од каде што во 1946 година биле пренесени во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Впрочем, 20 јули и 2 август се поврзани и со еден од најголемите настани во светската историја што се случиле во Македонија – според историчарите, на 20 јули 356 година пред нашата ера се родил синот на Филип и Олимпија – Александар Македонски.
Низ цела Македонија се наоѓаат цркви посветени на Свети Илија, но и многу стари камени крстови каде што народот и ден-денес се собира на Илинден. За многу години, Македонци!

Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)