„Македонија – преродба, револуција и државност“ е проект за издигнување на свеста на младите генерации (основци, средношколци и студенти) во врска со славните преродбенски, револуционерни и државотворни вредности и придобивки за историјата, јазикот, името, културата и традицијата на Македонија и Македонците. Проектот е раскажување на македонската бренд-приказна за поединечната и колективната меморија, за нашите учебникари, просветители, преродбеници, комити, војводи, револуционери, партизани, народни херои… Приказна за нивната посветеност, храброст, одважност… Приказна за нивната беспоштедна борба и саможртва, низ десетлетија и векови. Во неа, во нашата македонска приказна, се содржани колективното паметење, старите ракописи, симболите, митовите, преданијата, културните вредности и духовното богатство и наследство на Македонија од искон до вечност. Слоганот на проектот е „Македонски корени, асномски перспективи“. Проектот се темели на нашиот вековен непокор, за простумот на нашите попови, селани, учители, на еснафите и интелигенцијата и за опстојувањето на напатениот народ – македонски народ.
Илинден како незаборавник и АСНОМ како темелник на Република Македонија
/Илинденски корени и асномски перспективи/
Горди сме што го славиме нашиот најголем празник – Илинден.
Ја објавуваме нашата историска интуиција, која мобилизира.
Го чувствуваме нашиот духовен етос, кој плени.
Денес македонскиот егзистенционален патос се буди и бунтува.
Македонскиот нагон за постоење никој не може да го уништи.
Илинден – факел и светилник на историски и национален незаборав
Илинден е час – славен.
Илинден е миг – револуционерен.
Илинден се борбените месеци и крвавите години на македонскиот дух од 1903-та. Незаборавник.
Илинден е крвава и славна победа на НОБ/НОВ. Илинден е државотворниот АСНОМ. Непокор.
Илинден е историски чин. Илинден е незаборавник – илинденска епопеја. Вечен илинденски оган што тлее низ години, декади и векови. Илинден е остварување на вековните идеали и револуционерните стремежи за слобода и национална самобитност. Македонски простум.
Илинден 1903 (Илинденско востание, Крушевска Република, Крушевски манифест) е наш духовен вруток и двигател!
Илинден 1944 (АСНОМ, државотворни одлуки, решенија, декларација) е неговото директно отелотворување! Државотворен темелник на Република Македонија.
Илинден 1903 е наш историски мит! Илинден 1944 – АСНОМ е наша историска победа!
Илинден е меморија во нашата свест, топлина на срцето, милина и празник на душата македонска.
Илинден е светилник што вечно свети и ни го осветлува патот. Илинден е ден кога се обединети Македонците. И 1903-та и 1944-та и 1991 година. Секогаш ни дава енергија и ни влева сила да истраеме кога ни е најтешко.
Илинден е светол факел – светилник, кој ги осветлува македонските жртви и саможртви, дадени за слобода на Македонците и државност наречена Република Македонија. Илинден вечно ги грее нашите души и засекогаш е врежан во колективната меморија на сите нас Македонците.
Илинден е победа на македонскиот дух. Триумф на македонскиот народ, кој покажа дека е освестен и способен да создаде своја држава. Кадарен да ги развие своите сили и способности да се ослободи од јаремот на чифлигарскиот живот, да се одбрани од туѓите и антимакедонски пропаганди, кои го сееле семето на раздорот.
Илинден 1903-та и АСНОМ 1944-та се темелник и столб на Република Македонија
Искрена размисла за Илинден, за АСНОМ, за Македонија и сите генерации Македонци вградени во нашата слобода и државноста. Паметиме, и кога сме немале држава, ние Македонците сме биле поврзани едни со други преку еден премолчен договор за да продолжиме до последниот здив. Кога сме имале држава, таа ја преземала улогата на пазач. Но врската што ја направил премолчениот договор никогаш не се раскинала и таа била она што сме знаеле кои сме, каде сме, од каде доаѓаме, кај сме се упатиле. Името Македонија е тоа што нас нѐ држи заедно.
Низ вековите и цивилизациите од антиката до денес први во светот го носевме и го носиме името Македонија и никој нема право да ни го оспори или одземе! Уште Ѓорѓија Пулевски пред две столетија бил свесен за својата генеза, а некои од нас сѐ уште се двоумат околу тоа прашање: антички или словенски извор, без разлика што и од двата пиеме штедро искон, дух, култура и вечност. Едноставно, ние сме Македонци, носители на името Македонија, што нѐ означува од самиот негов почеток до денес.
Сите минати македонски генерации преку своето дело покажаа дека мислат со историска интуиција, дејствуваат преку својот духовен етос, а за цело време опстојуваат преку својот егзистенционален патос. Сублимирано кажано преродбениците, илинденците и асномците ги поставија темелите на просветата, науката и културата во Македонија. Сиот овој процес се покажа како една голема културна ренесанса, изведена од самосвесни, самосвои, одважни и храбри поединци, групи и организирани ентитети. Периодот на одвивање на овој процес е од Охридската книжевна школа, преку преродбата во 19 век и Илинден 1903-та, до АСНОМ 1944-та и референдумот во 1991 година.
Со право може да се каже дека тоа е една голема вистинска творечка синтеза. Доба кога се изградија и воспоставија разурнатите мостови меѓу одделните културни епохи. Тоа е една вистинска археологија на свеста, која ги извади на виделина сознанијата за старите светители, за новите писатели и поети, за жртвите и просветителите, за востанијата и нивните водачи, за епохалните вредности на нашето народно творештво, за крвавата и славна историја и за вековната и милениумска традиција.
И на крајот за сите душегрижници и недобронамерници на Македонија: мајка Македонија ќе роди нови синови херои, како Александар, Самуил, Гоце, Јане, Даме, Ѓорче, Питу, Кузман, Ченто, Рацин, Конески…
А никој не е поброен од неговото величество – народот. Харизмата е во него – во македонскиот народ. Тој е и интегритет и суверенитет и идентитет. Во Македонија и надвор од неа.
Денес, на Илинден се молиме за вековита Македонија.
Како да го заборавиме минатото, а да бидеме одговорни за иднината?
Македонија е наш избор, наша судба. Наше минато, наша иднина.
Илинден 1903-та и Крушевската Република – темелници на државноста на Македонија
Идејата и борбата за јазик, идентитет, слобода и државност на Македонците и Македонија, од преродбениците и просветителите, се пренесоа и на следната генерација, а кон нив се приклучи дел од претходната револуционерна генерација. Значајно место во колективната свест на Македонците и во историјата на македонскиот народ зазема револуционерната борба од крајот на XIX век и од почетокот и средината на XX век: Илинденско востание 1903 година, со Крушевска Република; и НОБ/НОВ-епопејата од 1941 до 1944 година, со првото заседание на АСНОМ.
Најбитни моменти за илинденската епопеја се: 23 октомври/4 ноември 1983 година, формирањето на МРО/ТМРО/ВМРО; формирањето на револуционерните чети; печатот на МРО; Уставот на ТМОРО; Главниот штаб на Илинденското востание; Востанички устав; Повик/проглас за почеток на востанието; знамето на Крушевската Република.
Илинденскиот државотворен идеал заедно со Крушевската Република ќе заживее во свеста на народот и за неговото исполнување ќе се жртвуваат и многумина од плејадата нови револуционери. Во таа смисла Димо Хаџи Димов во својата брошура ќе запише: „Македонија го има својот прв Илинден проследен со крвави денови на пораз и на тешки страдања во текот на четврт век. Таа ќе го има и својот втор Илинден, но веќе при идната нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободувања. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа…“. Сепак, не одело сѐ толку лесно. На револуционерниот ослободителен пат секогаш сме се соочувале со сцили и харибди. Во сите наши востанија како крт роварел понекој туѓ злонамерен ум (грчки, бугарски, српски) што ја предитрувал, ја ослабнувал, дури и ја пренасочувал автентичната и автохтона македонска националноослободителна идеја. Но со и во Илинденското востание, македонскиот народ внесе своја содржина, свој македонски супстрат. Него го сочинуваа македонските плебејски маси и затоа Илинден е востание на храбрите македонски селани, даскали, попови и интелектуалци. Во таа славна епопеја сите тие ги внесоа својата смрт и херојска погибел. Физички бевме поразени, ама го паметиме македонскиот непокор преку херојскиот Мечкин Камен. Македонскиот народ убаво го дефинира тоа како „Јунакот падна, бајракот не падна!“ Така, македонската револуционерна и ослободителна идеја опстана, се прошири, јакнеше и конечно триумфира со НОБ и АСНОМ. Иако востанието беше брутално задушено, тоа апсолутно победи како нова историска и национална свест.
Илинденската епоха изнедрува голем број македонски револуционери како што се Даме Груев, Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Карев, Питу Гули, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, гемиџиите и многу други интелектуалци, комити и војводи верни на револуционерното дело за национално ослободување на Македонија и Македонците. Сета оваа македонска фаланга знаеше дека националниот гнет и националното ропство не можат вистински да се урнат ако не се урне социјалното ропство и ако претходно не се дигне едно културно востание. Предводник на сите нив е народниот трибун и лидер со голема харизма Гоце Делчев.
Автор: Сотир Костов