Драги Стојковски

Драги Стојковски, поранешен претседател на организацијата „Обединети Македонци“, сега секретар на најстарата македонска национална и културна организација во Канада, е еден од најангажираните Македонци на нашата дијаспора низ светот. Стојковски е долгогодишен член на МПЦО „Св. Климент Охридски“ во Торонто, како долгогодишен поранешен претседател на Македонското движење за човекови права во Канада. Низ децениите Стојковски организира голем број средби со странските конзули во Торонто за лобирање за меѓународно признавање на Република Македонија, а во таа конотација беше член и на делегацијата на состанок со претставниците на канадското Министерство за надворешни работи кога беше побарано признавање на Македонија под уставното име. Во 1993 година е еден од организаторите на протестот во Отава кога беше побарано признавање на Македонија од страна на канадските власти. Тој како долгогодишен борец за првата на Македонците што живеат во Република Грција и како член на македонската делегација на ОБСЕ учествува на конференцијата за човекови права во Варшава и на седницата на Комисијата за човекови права при Обединетите нации. Во 2009 година му беше домаќин на канадскиот премиер Стивен Харпер на Гоцевата вечер, по повод педесетгодишнината од основањето на организацијата „Обединети Македонци“ во Канада. Со Драги Стојковски разговаравме за проблемите со кои се соочува македонска дијаспора, но и за тоа како Македонците од Канада гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската заедница размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нејзината поддршка.
Каква симболика има Илинден?
– За мене, како и за мнозинството македонски иселеници, Илинден е најзначајниот македонски празник. Илинден, т.е. 2 август, е денот на кој се случија нашите три Илиндена. Првиот е битката на Херонеја, кога Филип Втори Македонски и неговиот син Александар Трети Македонски ги победија обединетите елински градови и станаа нивни хегемони. Вториот Илинден беше во 1903 година кога, иако востанието беше задушено во крв, Македонците докажаа дека имаат храброст да се справат со Отоманската Империја. Третиот Илинден беше во 1944 година, кога во успешна борба против германските, италијанските, бугарските и албанските нацифашисти беше прогласена новооснованата асномска Македонија.
Имајќи ги предвид предизвиците со кои Македонија и македонскиот народ се соочуваат, врховното политичко раководство на Република Македонија треба да има доблест и храброст и да ги раскине сите штетни меѓународни договори. Потоа, Република Македонија треба да ги извести ОН дека го продолжува своето членство во организацијата под името Република Македонија.
Мислам дека сега ни е неопходно национално единство околу националните стратешки интереси. Единство на целиот македонски народ, без разлика дали живееме во Република Македонија, поробени во соседството или, пак, раселени низ светот. Сите ние живееме во едно глобално село и треба да ги искористиме најновите средства за поврзување и заеднички да работиме за добросостојба на нашата татковина Македонија. Честит и вековит Илинден, Македонци, каде и да сте. Д.Ст.