Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривични пријави против двајца млади скопјани откако полицијата при претреси во нивните домови открила огнено оружје, рамки и голема количина муниција. И.Х. (33) и С.А. (23) се осомничени за неовластено држење и тргување со оружје, а судија на претходна постапка им одредил притвор од 30 дена.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, на 15 јули 2025 година, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот каде престојува И.Х., сопственост на неговиот татко. При претресот биле пронајдени и одземени полуавтоматски пиштол „Црвена застава М57“ со калибар 7,62x25mm, две рамки со куршуми од истиот калибар, куршуми калибар 7,65mm, како и две рамки со вкупно 50 куршуми од муниција со калибар 7,62x39mm.
Четири дена подоцна, на 19 јули, бил извршен претрес и во домот на С.А., при што биле пронајдени и одземени полуавтоматски пиштол „Reximex TRX9“ со калибар 9mm, празна рамка, рамка со 15 куршуми од истиот калибар, дополнителна опрема за пиштолот, алатки за чистење и полнење, како и 36 куршуми калибар 9mm и други предмети.
Судија на претходна постапка им одредил мерка притвор во траење од 30 дена на двајцата пријавени.